петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Соња Цветковска: Илинден ,,Ода за слободољубивите”

Колумна на Соња Цветковска: Илинден ,,Ода за слободољубивите”

Илинденската ЕПОПЕЈА несомнено претставува ЗАВЕТ на идните генерации и поколенија. Дејствувањето и пожртвованоста на плејада на АПОСТОЛИТЕ се составен дел на колективната свест, семакедонски дух, кој ги напојуваше и мотивираше генерациите во борбата за слобода и за создавање на сопствена држава. Зошто Илинден е симбол на непокорот?

И зошто сè уште одекнува ,,За тебе земјо таткова, за тебе мечто Делчева…За тебе првенче октомвриско“, ,,Кон татковината” – Гане Тодоровски. И зошто факелите на слободата на Илинденците беа носени од прогресивните македонски генерации?

Револуционерните движења на балканските и европските народи во текот на целиот 19 век влијаеја врз револуционизирањето на веќе организационо оформено, македонско национално-ослободително движење. И оттука се бележи и овековечува активноста на истакнати дејци на МРО, Македонската револуционерна организација: Даме Груев, Петар-Поп Арсов, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Узунов, Питу Гули, Димо Хаџи Димов, Никола Карев и многу други. Појдовна основа на изградувањето на концептот за создавањето на самостојна и независна македонска држава тргнува од настојувањето Македонија да се ослободи од многувековната османлиска власт и да се сочува од завојувачката политичка агресија на соседните балкански држави. Тука јасно Организацијата се бори да се спречи уништувањето на македонскиот национален ИДЕНТИТЕТ. И затоа ВМРО постојано ги нагласува идејните поставки дека балканскиот национализам може да се спречи со тоа што Македонија ќе стане самостојна држава. Се сметало дека на тој начин ќе се спречи борбата на балканските држави околу поделбата на Македонија, која постојано води во конфликти ,,кои треба да започнат со војна и со војна да завршат, а и завршуваат пак со војна и вечно со војна…”. Ова не потсетува за жал на историските императиви ,,Буре барут”, или ,,Јаболко на раздорот”, но првин треба да се извојува победа над ,,Болниот на Босфор”! И така се испиша ПАТОКАЗ за самопрегорност, за индивидуалност,  на национално и социјално ослободување од Тиранијата и пред сè извојување на самостојно ДЕЛО. Тоа се огледа и во револуционерните акти што произлегоа од Илинденското востание и покажа пред тогашна меѓународна заедница дека се работи за македонското ослободително движење, кое се стреми со сопствени сили да извојува слобода и создаде сопствена држава. Оттаму и големата поддршка од големите умови, со посебен пиетет и восхит гледале на подвизите на Илинденците… на Херојството… на Саможртвата…, но упатиле и жестоки реакции по репресиите кои уследиле по задушување на Илинденското востание, и тоа Максим Горки, Лав Толстој, Артур Еванс и други.

И затоа за НАВЕК ќе се одбележува ИЛИНДЕН и неговиот највисок ДОСТРЕЛ, Крушевската република. Длабоко ќе остане врежано во македонската свест и националната историја за македонската револуција од 1903 година и изградувањето на политички облици на новата држава, со сите свои атрибути, ,,ДЕ ФАКТО”. По ослободувањето на Крушево, Горското Началство, свикува Собор од највидни граѓани на кој присуствувале 60 делегати од сите националности, и е избрано Преставничко тело – Времена влада од сите националности. Тука на ДЕЛО се гледа и суштинската вредност на Прогласот упатен до народот, доаѓаат до израз европските визии и вредности, практично Организацијата и востаниците оделе далеку пред своето време, за соживот и заедништво. ,,Елате браќа муслимани, да тргнеме против нашите и вашите душмани. Елате под БАЈРАКОТ на автономна Македонија. Македонија е наша заедничка мајка и вика на помош! Извадок од Крушевскиот манифест!

Годинава на 2 Август одбележуваме 117 години од Илинденското востание, достојни за почитување и продолжување на традицијата, да се поклониме пред спомениците на великаните и да го пренесеме нивниот аманет на поколенијата и да не дозволиме ФАКЕЛОТ да изгасне.

 

м-р Соња Цветковска

Најнови вести