Не. Јас нема да ширам шовинистичка пропаганда, под превезот на патриотизам. Јас само сакам да разгледаме малку поразлични појдовни точки, за на сите да ни стане појасно каква е оваа реалност во која живееме. Дали е моја, твоја, на сите, или на некој таму, кој ни подметнува етноцентризам, нешто кое не сме го ни помислиле, а камоли да го кажеме?
Размислувајќи на темава, прво си помислив ако живеам во Норвешка, а јас сум Литванка, дали мене и другите со моја националност ќе ме “сместат” во еден чист “литвански” клас, во кој ќе ја следам наставата? Дали ако живеам во Стазбур, а јас сум Германка, ќе ме “пикнат” во одделение во кое сите ќе сме Германци? И дали ако сум од Ирска, а живеам во Лондон, Велика Британија ќе ме “одвои” заедно со моите другарчиња Ирци, сами, без ниту еден англичанец со нас, да си ја следиме редовната настава?
Мислам дека на сите прашања, одговорот е НЕ!
А знаете зошто? Затоа што Европа постои и се темели на различностите. Таа е горда со соживотот на различните нации и етноси, кои ја прават уште поубава и попривлечна.
Меѓутоа, нашиот стремеж да бидеме дел од тоа богато со различности, историја, култура, европско семејство, од ден на ден, се измести од својата примарна цел.
Пропагандата “Едно општество за сите” изгледа доста привлечно, европски. Но, кога истата ја ставам на кантар со повикот на Математичко информатичката гимназија за формирање на две паралелки, од кои “Во една паралелка наставата ќе се одвива на македонски наставен јазик, а во другата паралелка ќе се одвива на албански наставен јазик.”, во главата ми никнуваат не само прашалници, дури и извичници!!!
И наместо да ја поздравиме иницијативата за создавање елитно училиште за најдобрите математичари, ние се сопнуваме на првото камче. Така ли си го замислува нашата Влада тоа “Едно општество за сите”? На една страна Албанците, на друга Македонците, Власите, Ромите, Турците? За каков соживот зборува Владата, кога таргетирано ги дели учениците? Ако Владата се‘ уште не’ дели по етничка, тогаш дали продолжението на поделбите ќе биде и врз основа на политичка или религиска припадност? Зарем сегрегацијата не треба да ја оставиме во минатото и Македонија да почне да ја краси демократско управување во кое ќе престане да се применува принципот на позитивна дискриминација? Зарем не е време селекцијата да се прави на основа на квалитет, а не приемот во училиште, вработувањето, па дури и зборувањето на мајчин јазик да биде гарантирано од етничката припадност?
Лицемерна е власта која мисли дека ако кажува едно, а во пракса спроведува друго, ќе добие политички поени од народот. Манипулативна е власта која бара соживот, а претенциозно создава поделби, кои потсетуваат на мрачни периоди од човековата историја. Губитничка е власта која не сфатила дека следен чекор на гарантираното право на етничките заедници, е нивно слевање во целокупното живеење на мнозинството во државава.
Затоа концептот „Едно општество за сите“ е лицемерен потег на власта од кој очекуваше гласови, а не искрено подадена рака и заедништво за сите различности во државава!