понеделник, 18. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Владимир Атанасов: По земјотресите и Пиколомини, СДСМ е најголема катастрофа за скопското Кале

Колумна на Владимир Атанасов: По земјотресите и Пиколомини, СДСМ е најголема катастрофа за скопското Кале

„Почитувани, се наоѓаме на Скопското Кале“ – рече растакултур­трегерот, најнеуспешниот министер за култура во историјата на Република Македонија. Да, рече па порече, а веројатно и се одрече. А можеби и заборавил? А можеби сè уште има „забранет пристап“? Да го запрашаме?

Во духот на „слободарската култура“, „без перде и срам“, може слободно повторно да се прочита сосема истиот текст и денес, но овојпат погласно, посигурно, без страв, со посебен акцент на последните рече­ници: „Ќе одговарате за злосторството што го направивте на Скопското Кале, ќе одговарате за тоа што Скопското Кале го направивте симбол на негрижата, на лагата и на злоупотребата на културното наследство во политички и партиски цели!“

ДА, се согласувам за ПРВ ПАТ со вас! Одговорност мора да има!

„Изградба на музеи, сувенирници, археотуризам…“ – беа пораките кои одекнуваа со силно ехо кон тогашната Влада иМинистерството за култура. Страотно ехо кое нарушуваше воздушни бариери. За да се загуши тоа страотно ехо еден ден, борејќи се со брзината со која трчаше културтрегерот по шарените улици кон својата фотеља во Министерството за култура. Откако седна, го затвори и прозорецот. Ехото се загуши. Замислете, неговото ехо не стигна до него. Неговото ехо стана ЕГО! Егоцентризам кој произведе илузионизам! Кое лицемерие! Какво врвно лаудаторство! Лицемерни говори во низа од Скопско Кале, скопскиот аквадукт, театарот во Скупи, Курбиново. ДА, овие културни ризници се вашиот најголем АРХЕОЦИД! Злосторства кои македонската јавност ќе ги памети!

И така, Скопското Кале, просторот кој речиси ја поврзува целата културна и политичка историја на Скопје и Скопско, срцето на модерното Скопјенаседна на една голема лага од СДСМ! Лага насловена „План за живот“ со предзнак „за слободна и европска култура“. Скопското Кале е пример за „обид за убиство“ на археологијата, на сè тоа што значи културно наследство! Скопско Кале е  политичка жртва! Но Кале преживеало многу нешта! Преживеало земјотреси, го преживеало пламенот на Пиколомини, а ќе го преживее и надживее и културоцидот на СДСМ!

Во интерес на вистината, фактите говорат за нешто друго. Фактите говорат за ергела од еминентни професори, археолози, студенти кои континуирано го „напаѓаа“ археолошкиот локалитет во поглед на истражувањето и конзервирањето во периодот од 2007 до2016 година. Речиси целосна истраженост и делумна конзервација. Конзервиран движен археолошки материјал, монографии и многу научни публикации. Вистината говори за културна инфраструктура, како и за партерна инфраструктура. Вистината говори за два целосно изградени и опремени музеи (праисториски и османлиски). Но вистината говори и за црвената лента која не ја пресековте, знаејќи ги вашите побуди за „систематско уништување на македонската култура“.

Доаѓаат Велики поклади или Прочка. Традиција која се поврзува со Скопско Кале. Ден за проштевање, ден за покајание. Можеби на овој ден ќе се присетите сè што не направивте за Скопско Кале.

Би се повторил, и би рекол: Главата високо горе, колеги археолози! Крај за пониженоста на оваа дејност! Време е за нови откритија, но пред сè, за работа, за многу работа!

Доаѓа пролетната Обнова и за Скопско Кале преку најсилната програма која следува!

 

м-р Владимир Атанасов

 

Најнови вести