Со проект Обнова, во областа на локалните самоуправи се обврзуваме да креираме еколошки и здрави општини, се вели во објавата на Фејсбук страницата на комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во наредните 4 години ќе работи на поддршка на општините при изградба на современи центри за рециклирање и намалување на количините на отпад кои се депонираат. Планираме изградба на регионални депонии по највисоки европски стандарди и претворање на отпадот во суровина.
Од наредната година ќе работиме на целосен третман на отпадните води, при што секоја поголема општина ќе добие модерна пречистителна станица.
Со проектот Зелена архитектура предвидуваме стимулации за инвеститори-компании кои ќе реализираат зелени покриви и фасади на изградените објекти или објектите во изградба.
Се предвидува изградба на нова велосипедска инфраструктура во обем од 50 до 100 km за населените места над 20.000 жители, односно од 20 до 50 km за населени места до 20.000 жители.
Предвидуваме модернизација или адаптација на јавниот и училишниот превоз кон еколошки превозни средства кои ќе користат метан или природен гас како погонско гориво.
А со цел намалување на урбаната бучава, предвидуваме изработка на стратешки карти на бучава за цела територија на државата. Со тоа гарантираме заштита од ноќна бучава и нарушување на спокојот со гласна музика од локалите, гласни машини, мотори, автомобили и др.
Нашата програма предвидува сериозни и издржливи мерки, со кои општините ќе станат еколошки зони.
Затоа што секој граѓанин заслужува Обнова!,велат од коисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ.