Првиот нацрт-амандман за промена на Уставот денеска помина на собраниската Комисија за уставни прашања со десет гласови „за“ и пет против.
Со овој нацрт-амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во член 36 каде има историски аспект.
На вториот ден од дебатата опозицијата повторно обвини дека целиот процес за промена на името и Уставот се одвивал нетранспарентно и без консензус и оти не е испочитувана волјата на народот искажана на референдумот. Предложија со нацрт-амандман да се обезбеди заштита на сето она што значи менување на уставно име.
На ова реплицираше заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски кој ги отфрли обвинувањата дека процесот бил нетранспарентен и оти не била консултирана опозицијата. Посочи дека биле одрзани шест тет-а-тет средби за да се објасни целиот процес.
– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во целиот процес кажуваше дека овој договор и потпишувањето е одговорност на Владата. Кога имате процес каде перманентно се консултираат опозицијата и претседателот на државата, а тие не се изјаснуваат и ги напуштаат средбите тогаш може да се заклучи дека тоа е бегање од одговорност, забележа Жерновски.
Комисијата за уставни прашања ја продолжува расправата по вториот нацрт-амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваст со прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен диговор.