Во текот на минатата година се покажа колку е важно да се има знаење и посветеност во делот на енергетскиот сектор. Планот даде резултати и енергетската криза ја претворивме во можност, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– Пред само 12 месеци глобалната светска економија беше практично пред колапс заради војната во Украина и заради недостигот на енергенси на европскиот континент. Кај нас струјата, бензинот, парното, храната…, не беа во недостиг и немаше никакви рестрикции. Ги заштитивме и компаниите и граѓаните. Го донесовме најголемиот пакет на антикризни мерки за најранливите категории на граѓаните и за одржување на ликвидноста на компаниите во износ од 760 милиони евра, најголем според податоците на Светска банка од сите земји во регионот, рече Ковачевски во одговор на пратеничко прашање поставено на денешната собраниска седница.
Тој нагласи дека во споредба со претходната година имаме зголемено производство на електрична енергија од 44 проценти.
– Како резултат на тоа успеавме да обезбедиме евтина струја за производителите на основни прехранбени производи и за комуналните претпријатија за да нема недостиг на вода, кои и покрај тоа ја покачија цената на комуналните услуги. Обезбедивме евтина електрична енергија и за сите здравствени домови и за сите образовни институции и воопшто не се зголеми цената на електричната енергија за оние кои домаќински ја трошат. За првата и за втората група на корисници остана иста, а оние кои многу трошат и греат базени во сред зима плаќаат поскапа струја. За 72-те илјади компании на регулираниот пазар на електрична енергија цената на струјата дури се намали за 20 проценти, прецизира Ковачевски.
Премиерот посочи дека секој граѓанин во државата сега добива сметка за електрична енергија во која се гледа колку субвенционира државата, пресметано според калкулациите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
– Владата го презеде и парното греење во Скопје кое немаше рестрикции и зголемување на цената. Се тоа е благодарение на зголеменото производство и на инвестициите кои се направени во обновливи извори на енергија, рече Ковачевски.
Тој истакна дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ вкупно во земјава биле инсталирани 18 мегавати од обновливи извори на енергија, а само за последната година се инвестирани и пуштени во мрежа 210 мегавати или поголем капацитет од еден блок во РЕК „Битола“, што е доволен да се снабдат со потрошувачка 10 града во земјава со 76.000 домаќинства.