Ја почитувам одлуката на Мухамед Зекири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски очекува целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството.
-Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на пресумцијата на невиност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави Ковачевски.
Мухамед Зекири денеска на својот фејсбук профил објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата.
Оставката следува откако Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“.
Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обивнителството го добило во втората половина на 2021 година.