Премиерот Димитар Ковачевски денеска во интервју за МИА се осврна на тоа колку навистина е заштитен македонскиот јазик во модифицираниот француски предлог, како и на влијанието што врз јазикот ќе го има унилатералната изјава на Бугарија.
– Македонскиот јазик е чист во европскиот предлог, чист. Нема никакви фусноти, дополнувања, астерикси итн. Чист македонски јазик, директно во преговарачката рамка. Унилатералните изјави, се забелешки со кои бугарската страна изјавува нешто и ние изјавуваме нешто друго. И тука се затвора таа приказна. Правно-формално, тие едностраните изјави немаат никакво влијание врз процесот. Со таа унилатерална изјава, бугарската страна, дава забелешка дека таа и само таа, и ниту една друга земја членка, има поинакво мислење од она кое e наведено во официјалниот документ на Европската Унија. И тоа стои како информација, која нема никакво влијание ниту на јазикот, ниту на процесот, ниту на која било точка од преговорите понатаму, вели Ковачевски.
Премиерот нагласува дека откако Северна Македонија ќе стане полноправна членка македонските граѓани ќе можат да се обратат до институциите на ЕУ на македонски јазик, а институциите ќе бидат должни да им одговорат, исто така, на македонски.
Тој напомена дека македонскиот јазик е специфичен и единствен и како таков, тој ќе биде заштитен, како еден од официјалните јазици на Европската Унија. Ковачевски додаде дека за тоа нема да чекаме долго, практично ќе започне процесот веднаш, со почетокот на преговорите, сите документи на Европската Унија ќе почнат да се преведуваат на македонски јазик.
– Во Европскиот парламент, македонските претставници ќе се обраќаат на македонски јазик. Практичната потврда за ваква неоспорна употреба на македонскиот јазик ќе биде потпишувањето на договорот за Фронтекс, предвидено да се случи веднаш по одржувањето на првата меѓувладина конференција помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ и државите членки. Оттука, овој меѓународен договор меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, односно државите членки, и на македонски јазик, ќе стане дел од законодавството на ЕУ, вели Ковачевски.
Според него, на овој начин не само што ќе биде заштитен, туку македонскиот јазик ќе доживее и неверојатна промоција, со тоа што многу земји и култури кои традиционално немаат допир со македонскиот јазик, ќе можат да се запознаат со него, со нашата култура, обичаи, традиција и други специфични обележја кои нѐ прават горди Македонци.
– Нашиот идентитет е широка лепеза на важни елементи кои нѐ формираат како личности – јазикот, обичаите, фолклорот, традицијата, итн., сé што ни овозможува да ја создадеме сликата за самите себе. Никакво влијание однадвор не може да го дефинира или промени идентитетот. И кога ќе сме дел од Европската Унија, она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција, ќе остане токму тоа, автентично македонско, во Европската Унија, нагласува премиерот.
За заштитата од повторни и повторни условувања во текот на преговорите и дали постои механизам, гаранција, Ковачевски со одговор дека преговорите ќе траат со години, а она што го смета за најважно е во тој процес да извлечеме најмногу што можеме и да го европеизираме нашето општество во најкус можен рок.
– Мислам дека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел даде многу јасен и прецизен одговор на ова ваше прашање, па затоа и ќе го парафразирам неговиот одговор. Откако ќе почнеме со преговорите, забелешките за развојот и прогресот во процесот на преговори ќе се базираат на мерит систем. Можноста да некоја земја членка има забелешки кои не се однесуваат директно на нашата работа секако дека постои, но нашиот гарант дека таквите барања нема да го нарушат процесот на преговори, е самата Европската Унија. Доколку Бугарија инсистира да вметне прашања кои не се однесуваат на прогресот, репутацискиот ризик кој го носи таквото однесување повлекува сосема поинакви последици внатре во Унијата, вели Ковачевски.