Веќе се работи на методологија која ќе овозможи долгорочно и одржливо зголемување на пензиите, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
„Пензионерите се оние кои заслужуваат, после толку години изминат труд и даден огромен придонес за нашата држава, да имаат достоинствени пензионерски денови. Веќе работиме на анализи кои ќе бидат презентирани низ отворениот дијалог во кој ќе учествуваат и здруженијата на пензионерите и други заинтересирани страни како и надлежните институциите на Владата“, нагласи премиерот Ковачевски во својата изјава.
Тој додаде дека еден од приоритетите на новата Влада е и стандардот на пензионерите и дека во таа насока се реализираат повеќе економски политики кои ги смета за клучни во однос на справувањето на економската криза, произлезена од здравствената криза, а се врзани овие наши сограѓани.
„Во текот на 2021 година имавме поддршка за ранливите категории граѓани, каде што спаѓаат и пензионерите со ниски примања, а денес во светло на енергетската и економската криза, можам да најавам дека веќе работиме и на пакет финансиска помош за пензионерите која што ќе ја определиме врз основа на анализи и која ќе им биде дадена на пензионерите за полесно справување со енергетската и економската криза“, дополни во својата изјава претседателот на Владата Димитар Ковачевски.