среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ковачевски: Обезбедени се средства за топлинска енергија до крајот на јануари

Ковачевски: Обезбедени се средства за топлинска енергија до крајот на јануари

За оваа грејна сезона Владата за топлинската енергија има обезбедено  1 милијарда и 900 милиони денари или 30,8 милиони евра. Овие средства се доволни до крајот на 2022 и за јануари 2023. Потоа ќе се направат пресметки за следните четири месеци – од јануари до крајот на април. И тогаш ќе имаме пресметки колку дополнително средства ќе треба до крајот на грејната сезона, рече денеска Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.

Покрај преземањето со закуп на топланите Исток и Запад, ЕСМ дополнително е задолжено и го презеде управувањето на АД Скопје Север за да се обезбедат финансиски средства и природен гас за неа и да нема прекин во испорака на топлинска енергија за околу 500 семејства и 13 институции во тој дел на Скопје.

-Ние го преземаме само управувањето, што значи дека договорите, сметките и цените ќе останат исти, нема да има промени ниту во плус ниту во минус. Граѓаните и натаму ќе добиваат топлинска енергија по субвенционирана цена затоа што разликата  кај топлинската енергија е значително повисока од разликата кај електричната енергија. Тука Владата со своите механизми обезбедува доволно финансиски средства да се покријат овие загуби и граѓаните и натаму да имаат топлинска енергија по цена која е дадена од РКЕ. Субвенционирањето односно покривањето на разликата од цената која ја има РКЕ до реалната цена на природниот гас Владата ја обезбедува и ја префрлува на наменската сметка на АД ЕСМ, рече Ковачевски.

Доцнењето на сметките за парно, рече тој, е од технички причини поради новиот софтвер што ќе ја вкалкулира и субвенцијата од државата. Сметките се испорачуваат, но граѓаните нема да добијат камати или опомени за плаќање.

Одговарајќи на новинарски праќања, директорот на ЕСМ рече дека за декември е обезбеден природен гас за сите топлани – Исток, Запад, Енергетика, како и дополнително за Скопје Север.

-Испорачател на природниот гас е компанијата „Макпетрол“ односно нивниот „Пром гас“ и цената е ориентациска – во моментов е 77 денари плус ДДВ за нормален метар кубен, но конечната цена се прави на крајот од месецот, рече Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши апелираше граѓаните да не веруваат во секакви непроверени информации и да бидат спокојни дека и топлинска енергија, како и електрична,  ќе има до крајот на грејната сезона, без застои и нема потреба да се загрижени и да бараат алтернативно затоплување.  (МИА)

Најнови вести