Пред нас имаме европски предлог за деблокада на нашите евроинтеграции и од нас зависи каква одлука ќе донесеме за иднината на нашите деца и за европеизација на нашата држава, порача премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, новиот модификуван предлог сега веќе не е само француски, туку е европски предлог, во кој се вклучени сите наши барања и забелешки што беа изложени на претходната верзија на предложениот текст.
-Со ладни глави, одговорно да ја поведеме државата на вистинскиот пат и да направиме исчекор, порача премиерот Ковачевски, додавајќи дека треба да тргнеме по патот што го имаме зацртано или во спротивно ќе останеме да талкаме на Балканот. – Од тој пат нема отстапување ни лево, ни десно и сега е време да донесеме одлука, потенцира Ковачевски на денешниот брифинг со новинарите.
Тој додаде дека му е драго што на Самитот ЕУ – Западен Балкан минатата недела не го прифативме првичниот предложен текст и покажавме што точно бараме и што сакаме.
– Сега имаме предлог што ги вклучува сите наши барања, додаде премиерот, најавувајќи дека Владата пред да го даде конечниот одговор дали ќе го прифати предлогот, ќе спроведе консултации со сите институции во државата, претседателот на Републиката, Собранието, политичките партии, невладиниот сектор и стручната јавност.
Еве што друго порача тој:
„Иако, Владата може сама да донесе одлука по однос на предлогот, сепак ќе биде побарано мислење и од Собранието, кое самото треба да реши дали тоа ќе го стори на пленарна седница или за документот ќе се произнесат надлежните собраниски комисии.
Земјава нема временски рок до кога треба да даде одговор и од нас зависи дали ќе го почнеме нашиот пат за неколку дена или недели или ќе одолговлекуваме.
Измените во новиот европски предлог во однос на претходната верзија се однесуваат на тоа што е прифатено нашето барање во преговарачката рамка да не се внесува протоколот што произлегува од член 12 од билатералниот Договор со добрососедство со Бугарија и спроведувањето на обврските што произлегуваат од него, односно во преговарачката рамка не се вклучени историските прашања.
Втората измена се однесува на тајмингот на стартот на преговорите. Со првиот предлог се предвидуваше со негово прифаќање формално да се одржи првата меѓувладина конференција, но дури откако ќе го промениме Уставот за „вклучување на Бугарите“, да се одржи втора меѓувладина конференција и тогаш да започнат преговорите со сите предвидени процеси. Со новиот предлог, преговорите почнуваат со одржувањето на првата меѓувладина конференција кога ќе стартува и процесот на скрининг и во кој период треба да извршиме промена на Уставот со која во Преамбулата и во Амандманот 12, во делот каде покрај македонскиот народ се наведени припадниците на останатите народи што живеат во земјава би се додале и Хрватите, Црногорците и Бугарите. Со завршување на овие процеси по автоматизам ќе се одржи втората меѓувладина конференција и почнуваат преговорите по кластери.
Во рамката се наведува и дека таа ќе биде преведена на македонски јазик, без никакви додавки, дообјаснувања или фусноти, туку само е оставен простор во Записникот од заседанието на Советот на ЕУ, на која ќе биде усвоена рамката, Бугарија да внесе унилатерални изјави во кое би го објаснила својот став за јазикот, но таа не станува дел од преговарачката рамка. Исто такво право да додаде унилатерална изјава во Записникот по ова прашање има и нашата земја“. (МИА)