Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5, истакна дека Северна Македонија сериозно го зајакнува позиционирањето во меѓународни рамки и е конструктивен актер за зачувување на стабилноста и соработката на Балканот. Ковачевски вели дека посветеноста на државата да обезбеди долгорочен мир, стабилноста и соработката во Западен Балкан е препознаен и од САД и ЕУ.
„Сeверна Македонија е фактор на стабилност на Балканот според сите показатели и според сè она што се случува кај нас. Ние сме земја којашто ги има уредено практично односите на највисоко можно ниво и којашто ги има решено отворените прашања со соседите. Земја членка на НАТО, земја која преговара со ЕУ, земја којашто претседава со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација и држава во којашто се депонираа договорите потпишани во рамки на берлинскиот процес помеѓу земјите од Зaпаден Балкан”, рече премиерот Ковачевски.
Како земја членка на НАТО, Северна Македонија добива недвосмислена поддршка од САД како стратешки партнер на земјата во Алијансата, но и како земја која преговара со ЕУ и којашто спроведува реформи со цел унапредување на нашето општество.