четврток, 18. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Ковачевски за случајот „Онкологија“: Нема да има пардон за никого

Ковачевски за случајот „Онкологија“: Нема да има пардон за никого

Премиерот Димитар Ковачевски денеска уште еднаш порача дека во врска со случајот „Онкологија“ нема да биде поштеден никој. Тој очекува, како што изјави, да се идентификуваат лицата и постапките кои биле прекршени, како и злоупотребите што биле направени и да има соодветни казни зашто доста беше, рече, 30 години само изговори.

Обраќајќи се до сите институции кои работат на овој случај, Ковачевски истакна дека вниманието на Владата е стопроцентно насочено кон негово расчистување. На секоја владина седница, потенцира премиерот, ќе се поставува прашањето до каде е постапката.

-Уште еднаш ќе повторам. Нема да има пардон за никого. Имам порака до сите институции кои работат на овој случај, дека вниманието не само на граѓаните, туку и моето внимание како претседател на Влада, на членовите на Владата е насочено стопроцентно кон разрешувањето на овој случај и доколку се работи согласно закон и процедура, а нема причина да не се работи така, бидејќи кажав дека и Обвинителството и судството во овој случај ја имаат поддршката на сите да го разрешат случајот како што треба согласно закон. Очекувам да се идентификуваат лица и да се идентификуваат постапки кои биле прекршени, злоупотреби што биле направени и да бидат казнети согласно закон зашто доста беше 30 години само изговори, само начини како нешто да не се казни, а граѓаните да очекуваат правда и подобри услуги. И затоа, овој пат ова ќе биде на секоја седница на влада прашање до каде е постапката, нагласи Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето на новата опрема во ГОБ „8-ми Септември“.

МВР и Обвинителството, потсети премиерот, информираа дека сите документи и сите материјали што ги имаат побрано се доставени до нив и им се достапни.

-Новата директорка на Клиниката која е врвен експерт, доцент доктор по онколошки науки и министерот за здравство излегоа на прес-конференција и исто така кажаа дека се е доставено. Тие имаат направено и кадровски промени откако дојде новата директорка во однос на работници кои во минатото се идентификувале како некои што не се придржуваат до процедурите и им го прекинале работниот однос. Прашање е зошто пред тоа не им бил прекинат работниот однос, рече Ковачевски.

Најнови вести