Додека се закануваат на вработени дека нема да добијат покачување на плата ако претходно не им направеле проверка на имот, внукот на Али Ахмети купува трговски центар вреден скоро 30 милиони евра. Семејството на Али Ахмети, додека тој е пратеник и лидер на ДУИ, се стекнува со мултимилионски имот, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната прес-конференција.
Истакнува дека ДУИ си се самопрогласуваат за европјани, а високи функционери им се наоѓаат на црна листа.
-Тор Индустриес е фирма основана пред две години, од страна на Дрин Ахмети – син на братот на Али Ахмети. Истата две години е БЕЗ прикажан профит, што значи дека БЕЗ остварена услуга, купува луксузен деловен објект во центарот на Скопје. Чии се парите кои легнале на фирмата на младиот Ахмети, станува збор за сомнителен кеш собран од тендери или пак за некоја награда за остварена бизнис зделка? На овие прашања Ахмети и ДУИ треба веднаш да одговорат, да докажат потекло на парите на фирмата на внукот и институциите веднаш да покренат постапка. Дополнително, загрижува и фактот што Груби, кој се презентира за вечен панцир на Али Ахмети, го нема никаде да го одбрани својот командант. Дали во ДУИ почнуваат да го напуштаат Ахмети или со молкот потврдуваат дека вакви криминални зделки може да направи само Ахмети?, прашува Ковачки.
Додава дека институциите не може да не реагираат кога член на најблиското семејство на Ахмети се стекнува со мултимилионски имот. И тоа во време кога ДУИ и нивни функционери со аргументи се обвинуваат за висока корупција, а за дел од нив има и санкции од нашите стратешки партнери.
Ковачки најави дека во наредниот период ќе објават и други детали како семејството Ахмети се разгранува низ бизнисот и институциите, додека го замајуваат народот со зелени агенди и подобар живот во ЕУ.