Силен дожд, ветер и грмотевици попладнево го зафатија Скопје и скопската котлина. Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека невреме со интензивен дожд за кратко време, силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град ќе има и во ноќните часови.
Градоначалниците на дел од скопските општини објавија дека кризните штабови и екипи се формирани и подготвени да интервенираат во случај на штети или поплави.
-Поради најавите за силно невреме кое се заканува да го зафати Скопје во текот вечерните часови, општинскиот кризен штаб заедно со службите се подготвени на терен во случај на штети или поплави. Во постојана комуникација сме и со ЦУК, МВР, ЕВН и сите засегнати институции со кои заедно ќе интервенираме доколку има потреба. Во текот на целата ноќ на располагање ќе бидат и двата броеви на кои можете да се обратите да пријавите проблем: +389 78207687, +389 71391250, објави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
-Општинскиот кризен штаб е во постојана комуникација со претставници на Министерството за внатрешни работи, службите на ЕВН и Центарот за управување со кризи. Екипите на Општина Бутел се во целосна спремност да се справат со евентуалните последици од невремето. Дежурните екипи се поставени да бидат на терен и достапни за граѓаните доколку има потреба и пријави. Достапен ќе биде и телефонски број 076-205-152 на кој граѓаните на Општина Бутел можат да пријават последици од невремето или потреба од службите да интервенираат. Апелираме граѓаните на Општина Бутел да останат смирени, велат од Општина Бутел.
Мобилизирани се и екипите во Општина Гази Баба.
-Согласно најавите за интензивни врнежи од дожд и силно невреме, Ве информирам дека го мобилизирав кризниот штаб на општина Гази Баба и формирани се тимови за реакција од ЈКП Гази Баба. Телефонскиот број 075346938 е отворен и на истиот сите граѓани можат да ги пријават последиците настанати од невремето. Тимовите на општината се подготвени за соодветна реакција си цел справување со сите евентуални последици настанати од невремето, објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски информира дка будно ја следат состојбата со временските непогоди кои што се очекуваат во текот на денот.
-Формиран е кризен штаб во соработка со МВР и надлежните органи, доколку е потребна било каква интервенција на терен, ќе постапиме во најбрз можен рок. Апел до сите жители да останат во своите домови доколку немаат неодложни обврски поради кои треба да го напуштат домот. За сите евентуални последици од невремето или доколку е потребна било каква интервенција, контактирајте ја дежурната служба. Телефонски број 078/449-278 Даниел, објави Стојкоски.
-Општинскиот кризен штаб и општинските служби се подготвени доколку се појави потреба за интервенции по невремето проследено со дожд и ветер кое го зафати Скопје. Тие се во редовна координација и постојана комуникација со надлежните служби од Центарот за управување со кризи, Јавното претпријатие ,,Паркови и зеленило”, ЕВН Македонија и надлежните служби во телекомуникациските оператори. Доколку се појави потреба граѓаните може да контактираат преку дежурниот телефонски број во општината 071/327-088 и на телефонските броеви 072/334-281 и 02/2432-362 во полициската станица Аеродром. Штетите поврзани со земјоделските посеви потребно е да се пријават во надлежните служби на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Апелираме до граѓаните на смиреност, општинскиот кризен штаб работи со полн капацитет за навремено отстранување на пречките и евентуалните последици од невремето, објавија од Општина Аеродром.
Од УХМР информираа дека можно е да дојде до поројни истекувања на помалите водотеци и суводолици и до несакани излевања на водите, кои би можеле да предизвикаат локални проблеми како на крајбрежјето, така и на патната инфраструктура. На одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони. Се препорачува внимателно движење, особено покрај реките и суводолиците, поради можна појава на опасни води и свлечишта.