Димитар Костадиновски е кандидатот за градоначалник на Општина Јегуновце од ВМРО-ДПМНЕ. Тој е дипломиран економист – специјалист по маркетинг. Работи во општината дури и сега без никаква позиција, за него велта дека помага многу и сака да работи како градоначалник за да го направи Јегуновце поубаво место за живеење.
КУРИР: Недостигот на вода е еден од најголемите проблеми за жителите на Општина Јегуновце? Какви се вашите планови, како до решение на овој горлив проблем?
-Се согласувам, како и секој жител на општина Јегуновце би се согласил дека недостигот на вода за пиење во општина Јегуновце е најгорлив проблем.
Сакам да истакнам дека актуелната локална власт предводена од СДСМ не успеа да ги обезбеди најосновните потреби и услови за нормален живот, како што се чиста и здрава вода за пиење, фекални канализации и чиста животна средина. Не успеа во ниту едно населено место да започне со изградба на систем за водоснабдување.
Овој проблем ќе биде приоритет во моето 4 годишно работење. Преку ископ на нови бунари за вода во повеќе населени места и ставање во водоводната мрежа ќе ги зголемиме капацитетите за вода за пиење, каде секое домаќинство ќе добие доволни количини здрава и чиста вода за пиење.
КУРИР: Подобра животна средина и решавање на дивите депонии остануваат отворени прашања на кои треба многу да се работи. Депониите се едно од најголемите отворени прашања кои ги засегаат граѓаните од оваа општина. Како до почист воздух и почиста животна средина?
-Во соработка со приватните градежни фирми ќе се расчистат сите диви депонии, кои претставуваат грда слика за општината. Сите домаќинства ќе бидат обезбедени со канти за отпадоци, а за градежниот шут ќе се утврдат привремени локации во соработка со месните заедници.
Сите досега изградени фекални канализации, кои беа изградени пред да дојде сегашниот градоначалник ќе бидат пуштени во употреба. Досегашниот градоначалник, наместо да ги пушти во употреба, тој успеа само да го затвори претпријатието кое вршеше приклучоци на фекалната канализација.
Би сакал да истакнам дека приклучокот на фекалната канализација за секое домаќинство ќе изнесува 0 денари, односно ќе биде бесплатен. Исто така ќе изградиме и нови фекални канализации.
Од страна на новото јавно комунално претпријатие ќе се одржуваат сите зелени површини покрај патиштата и парковите во општината со навремено чистење, косење и полевање на тревата.
КУРИР: Дали имате решение за фабриката „Југохром“?
Работењето на Југохром е од големо значење како за државата, така и за граѓаните на општина Јегуновце. Со работењето на Југохром ќе се создадат можности за отворање на други секундарни фирми, ќе се зголеми животниот стандард на граѓаните. Поради тоа, јас, како иден градоначалник на општина Јегуновце во рамките на моите овластувања и надлежности со ракооводството на Југохром ќе се заложам да помогнам да се најде решение за рестартирање на истиот.
КУРИР: Кои се вашите клучни проекти со кои ќе ја барате довербата од жителите на Општина Јегуновце на локалните избори?
Клучните проекти на општина Јегуновце, за мојот мандат ќе бидат:
– Обезбедување на чиста и здрава вода за пиење во секое населено место и во секој дом;
-Ќе се ангажирам да донесам инвеститори преку кои ќе се отворат нови работни места;
– Поддршка на постоечките фирми на територија на Општина Јегуновце;
– Буџетските средства ќе се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно, преку редовно известување за сработеното;
– Ќе им давам безрезервна поддршка на земјоделците, младите, невладините организации и здруженија .
КУРИР: Колку вашето искуство во областа маркетинг сметате дека ќе ви помогне доколку ја добиете довербата од локалното население да ја предводите општината, во нејзиниот развој и менување на сликата кон подобро?
Општина Јегуновце ќе биде транспарентна, каде граѓаните ќе бидат информирани за се што се случува во општината, за секое започнување и завршување на некоја активност и тоа преку континуирано ажурирање на веб страна, преку одржување на средби со граѓаните, преку одржување на прес конференции и појавување на локални медиуми, како и печатење на годишен информатор во кој ќе бидат вметнати сите активности и проекти што се реализирани во претходната година.
Исто така ќе им се овозможи на граѓаните преку проектот “Денови на предлози на идеи и проекти од страна на граѓаните” да предложат идеи и проекти кои ќе бидат во функција на општина Јегуновце, а со тоа граѓаните ќе почувствуваат дека активно учествуваат во креирањето и спроведувањето на политиката на општина Јегуновце.
Ќе воведеме електронски систем на услуги каде секој граѓанин на општина Јегуновце, кој има било каква потреба ќе може да аплицира електронски. Исто така, ќе воведеме и електронско плаќање за сите добиени услуги од страна на граѓаните.
КУРИР: Какви планови имате за развој на спортот во општината?
Општина Јегуновце ќе го помага и учествува во развојот на спортот, во сите негови сегменти, со вклучување на голем број деца, млади и граѓани, спортот ќе биде место за собирање и дружење на младите генерации, како и основа за создавање на здрава младина и одлична превентива од пороците на модерното живеење преку подржување на турнири, спортски манифестации, учество во отворените забавни фудбалски школи, изградба на повеќенаменски игралишта во населените места.