Економијата е во слободен пад. За катастрофата која што ни се случува не е виновна ниту ЕУ, ниту НАТО, ниту опозицијата, ниту временската состојба, ниту соседите. Виновно е неспособното економско трио, предводено од премиерот Зоран Заев.
Ова денеска го изјави Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека неспособноста на владата на СДСМ кога е во прашање економијата секојдневно се потврдува.
-Денес потврда за тоа стигна и во извештајот за реализација на буџетот објавен од Министерството за финансии каде што се гледа катастрофален процент за реализација на капиталните инвестиции од 16,65%. Замислете помина половина година, а владата на Заев и СДСМ не реализирале ниту 17% од капиталните инвестиции што самите ги планираа. Ова е одраз на неработењето и економското цунами кое што криминалниот картел на чело со Заев и го направија на Македонија. Ако продолжи со вакво неработење, Владата на Заев, Тевдовски и Анѓушев, за 2018 година нема да успее да го реализира најавениот раст на БДП од 5-7% што го ветуваше пред избори. Капиталните инвестиции се основа за растот на економијата во една држава. Тие индиректно влијаат на речиси сите сектори на индустријата и врз стандардот на граѓаните, истакна Кузмановска.
Вели дека економското цунами наречено Заев ќе има потешки последици за Македонија отколку што тие можеле да замислат, додавајќи дека ова ќе ги надмине сите црни сценарија.
-Граѓаните со ваква економска политика може да заборават на ветувањата кои Заев им го даваше за 600 километри нови автопати, 500 евра просечна плата за сите граѓани, 100 илјади денари плата за лекарите. Сите овие ветувања на Заев се една обична лага со која ги замајуваше граѓаните. Црното сценарио може да биде уште поцрно отколку што изгледаше. Република Македонија во време на оваа власт се задолжи над 1,5 милијарди евра, јавниот и државниот долг ги урнаа психолошките бариери, а капитални инвестиции за граѓаните нема. На повидок е економски крах кој ќе ги погоди сите, пропратен со грабеж и цицање на пари од буџетот кои никој не знае каде одат. Сведоци сме дека расипничко трошење, делење на грантови на партиски подобни фирми и излевање на милиони е секојдневие. Граѓаните штетните последици од ова допрва ќе ги чувствуваат. Ова мора да престане, рече Кузмановска, потенцирајќи дека мора да се стави крај на овој економски пустош кој го прави оваа ненародна власт.
Вели дека што побрзо заврши оваа погубна влада на Заев, толку побргу Македонија ќе почне да се опоравува.