СДСМ продолжува со расфрлање на парите на граѓаните. Народот осиромашува, а Зоран Заев го зголемува бројот на функционери кои се богатат на грбот на обичните работници и административци. Со пари на граѓаните Заев и СДСМ ја исплаќа лакомоста на партиските послушници, реагира Лилјана Кузмановска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
-СДСМ по скратена постапка турка закон за измена и дополнување на Законот за јавните претпријатија со кој што во Јавните претпријатија во цела држава се воведува нова функција- заменик на директор! СДСМ по скратена постапка отвора врата за дополнителна партизација и непотизам, за оптоварување на буџетот со стотици и стотици нови функционери! Работата на Заменик на директорот би била тој да го заменува директорот, кога овој ќе биде отсутен. Според актуелното законско решение, во време на отсуство на директорот на ЈП се определува вработен во ЈП кој го заменува и го води тековното работење на Јавното претпријатие. СДСМ предлага воведување Заменик на директор кој би бил избран и разрешен од Управен одбор под исти услови регулирани во законот кои што важат за директор. Зачестеното носење на законски решенија по скратена постапка- надвор од вообичаената процедура и прескокнување на дебатата, е погубно за демократијата. Таква беше оценката од таборот на актуелното мнозинство, додека беше опозиција – дека не е демократија носењето на Закони по скратена постапка. Скратената постапка во овој случај значи набрзина протнување на решение за кое и власта знае дека е штетно и контрапродуктивно на реформите кои насушно и се потребни на државата. Но, СДСМ тргнал по скратена постапка со еден ваков текст, за една недела да донесе закон со кој ќе вработи стотици свои кадри, да ги направи функционери со високи плати, бенефиции, па и можност за апанажа, истакна таа.
Кузмановска истакна дека во текот на вчерашниот ден се прекина седницата на Комисијата за економски прашања за да се направат измените на текстот на законот и истиот да ги опфати и јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје.
-Ако се земе предвид, колку Јавни претпријатија функционираат во државата, колку пак 84те општини и Град Скопје имаат основано свои претпријатија, може само да се замисли колкава партизација планира да протне СДСМ по скратена постапка! Низ државата има 58 Јавни претпријатија за комуналии и водостопанисување! За секое од нив ќе треба да се распише оглас за Заменик Директор. Со тоа Заменик на директор би имал и бенефиции како и Директорот, односно свој кабинет, во најмала рака, своја секретарка, свој шофер, службено возило и најмалку еден советник. Со тоа, ЈП нема да бидат финансиски оптоварени само за именуван Заменик на директорот, туку и со неговиот кабинет. Па колку треба и може да отсуствува еден директор на ЈП за да се носи ваков закон за дополнителни над 1000 нови административци? Ваков предлог доаѓа во време кога Владата носи одлуки од буџетот да ги покрие дупките во најголем дел од општините, направени од нерационални трошења и потешкотии во наплатата на Јавните претпријатија. Власта при подготвување на Буџетот, одби огромен број на проекти предложени од опозицијата, проекти кои се однесуваа на решавање на реалните пред се инфраструктурни проблеми на граѓаните низ Република Македонија. Вакво несериозно туркање, интервенирање во законско решение по скратена постапка само и само за згрижување на партиски кадри е незапаметено во Република Македонија. Вакви законски измени се целосно непотребни, целосно спротивни од потребата за реформи во администрацијата, целосно непотребно ново дополнително оптеретување на буџетите на ЈП, на општините, на државата, само и само за задоволување на апетитите на СДСМ и нејзините партнери во власта за вдомување на своите кадри, истакна таа.