„Предизвикување општа опасност“ е кривичното дело за кое е осомничен македонскиот пејач Ламбе Алабаковски, а во врска со опожарениот влез на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 288 став 1 од Кривичниот законик. Членот предвидува затворска казна од шест месеци до пет години.
„Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.“
Во соопштението од МВР се наведува дека денеска полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола го лишиле од слобода Л.А.(34) од Битола.
-Имено, по преземени мерки и активности за откривање на сторителот и обезбедување докази во врска со случајот со пожарот на културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, со наредба од Основен суд Битола, извршени се претреси на дом и други простории кои ги користи Л.А., на две локации во Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело. Лицето е приведено во полициска станица и при извршен службен разговор во целост го признало делото, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл.288 ст.1 од Кривичниот законик, велат од МВР.
Инаку, во саботата МВР објави дека околу 5 часот добиле пријава од Ѓ. Ѓ. (49) од Битола кој рекол дека слушнал кршење на стакло и видел како гори пред влезната врата од објектот, по што веднаш пријавил и во Територијалната против пожарна единица Битола.
По објавување во јавноста на веста за приведувањето на пејачот, адвокатот Драган Пешевски преку статус на Фејсбук објави дека тој и адвокатот Јанаки Митровски јавно се пријавуваат за бесплатна одбрана на пејачот Ламбе Алабаковски.
Социјалните мрежи се преплавени со коментари, а во најголем дел од нив се изразува поддршка за пејачот. Ваквите реакции следуваат по чувствителниот период во кој се наоѓаат македонско-бугарските односи, пред се поради ставот на Бугарија која не се откажува од ветото врз Македонија за почеток на преговорите на земјата со Европската Унија.
Инаку, Алабаковски повеќе од седум години со семејството живееше во Америка. Кон крајот на минатата година Ламбе со сопругата и двете деца се врати повторно во Македонија.