ВМРО-ДПМНЕ долго време, поточно 9 месеци апелираше дека е потребно итно формирање на антикорупциска комисија во Република Македонија. Денес се докажа дека ВМРО-ДПМНЕ ниту го блокираше носењето на антикорупциската комисија, ниту бегаше од нејзино формирање како што тврдеше СДСМ, истакна Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Драго ни е што владејачкото мнозинство го послуша нашиот апел и беа земени во предвид нашите амандмани се со цел да се донесе што е можно поквалитетен закон за формирање на Државна комисија за спречување на корупција и судир на интереси. Како што и претходно кажавме, како опозиција нашите амандмани беа од суштинско значење кои драстично го променија текстот на законот. Задоволни сме што владејачкото мнозинство конечно сфати дека на Република Македонија и е потребна квалитетна и пред се професионална антикорупциска комисија што ќе работи сериозно и без било какви политички влијанија. Со што сите манипулации, изјави на претставниците од владејачкото мнозинство кои што беа изнесувани овие денови паднаа во вода, рече Лашкоска и додаде:
„Прифаќањето на амандманите е показател дека Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да блокира вакви битни процеси туку пред се има еден сериозен пристап да дејствува за подобрување на сите процеси кои се одвиваат во нашето општество. Сигурна сум дека после ова Република Македонија ќе добие професионална Државна комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси, комисија која што ќе ги задоволува европските вредности и истовремено ќе го покаже својот квалитет. Повторувам ВМРО-ДПМНЕ ни имало намера, ни има намера да блокира вакви важни закони во Република Македонија. Напротив има намера да донесе и придонесе во носење на што е можно поквалитетни законски решенија. И морам да кажам дека искрено се надевам оти ќе биде формирана силна антикорупциска комисија која ќе се избори во корупцијата во нашата држава, која ќе се спротивстави и ќе ги реши секојдневните корупциски скандали на актуелната власт во Република Македонија“.