По неколку одложувања, денеска во Кривичниот суд почна судењето за предметот „Тотал“ на СЈО во кој обвинет е новинарот Драган Павловиќ-Латас.
Одбраната на Латас на почетокот побара да ги добие транскриптите од 14 прислушувани разговори кои СЈО ги предлага како доказ во постапката. Според одбраната, транскриптите се потребни за да се подготват за главната расправа.
Реагираше обвинителката Елизабета Јосифовска, која смета дека обвинитиот и одбраната имале можност досега да ги слушнат прислушуваните аудио разговори. Според неа, целта на одбраната е да се одолговлекува постапката.
Судијката Славица Наумова, сепак, го прифати барањето на одбраната и му ги даде на обвинетиот транскриптите од разговорите.
Судот, исто така, реши како доказ во „Тотал“ ќе се користи и вештачењето на Павле Гацов направено по налог на СЈО.
Следното рочиште ќе биде одржано на 30 мај.
Драган Павловиќ-Латас е на обвинителната клупа за предметот „Тотал“ зато што, според СЈО, давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица „Тотал маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал медија центар” и „Медијамакс” затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично како физичко лице затаил 3.876.471 денар или 63.032 евра.
Претходните три рочишта за овој случај не се одржаа, бидеќи не присуствуваше Павловиќ-Латас поради здравствени и семејни причини. (МИА)