Главната расправа за предметот „Тревник“ на СЈО во кој се обвинети Драган Павловиќ – Латас, Срган Павловиќ и Звездан Павловиќ ќе се одржи на 27 јуни откако на денешното рочиште на обвинетите на нивно барање им беа доставени транскриптите од аудио разговорите по кои се води обвинението.
Судијата Марија Клетничка рече дека бранителите на обвинетите на 7 мај доставиле барање за да ги добијат транскриптите од аудио разговорите, а на 9 мај обвинителите доставиле и дополнителни докази со дописи од општини и фактури кои судијата првично не ги прифати бидејќи беа копии, но обвиентиот Латас рече дека ќе ги достави во оргинал.
Предметот „Тревник“ се однесува на бесправна градба на куќи во Зелениково, а во кој првообвинет е новинарот Драган Павловиќ – Латас.
Од СЈО изразуваат сомнение за кривично-правни дејствија на три лица за изградба на три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење.
Според прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.