Дезертерот Ковачевски отворено призна дека додека бил заменик министер за финансии е исплаќана државна помош од владата и ФИТР на Пиксел груп, фирма основана од него, а сега во посед на неговиот кум. Со изговор дека тоа не е спорно за него. Но тоа што за Ковачевски не е спорно, се вика судир на интереси, изречно забрането и според Законот за спречување на корупција и судирот на интереси. Имено во чл. 72 ст. 1 од Законот стои дека службеното лице во текот на вршењето на позицијата е должно да внимава на потенцијален судир на интереси, како и да преземе мерки за негово одбегнување, изјави на денешната прес конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека Ковачевски во периодот од 2020 до крајот на 2021 година е заменик министер за финансии, период во кој се извршени исплати во висина од над 300.000 евра кон Пиксел груп дел од владата, дел од ФИТР.
– Постои сериозна опасност истиот да влијаел врз таквите одлуки. ДКСК да не молчи, и да постапи во однос на претставката која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе за Ковачевски во аферата Броило, тешка 26 милиони евра. Дезертерот Ковачевски е централна фигура во аферата Броило, а Пиксел груп основана од него е фирмата околу која се вртат сите пари. Пиксел груп е фирмата која ги произведува панелите кои КМГ ЕОЛ Квазар на кумот Паунов ги монтира. Меѓу големиот број на зделки на КМГ ЕОЛ Квазар се и 2 милиони евра државни тендери добиени откако е СДС на власт. И договор со ЕВН во висина од над 2 милиони евра. Пиксел груп основана од Ковачевски, понатаму е и фирмата која заедно со ново формирана бугарска фирма гради фабрика од 54 милиони евра во ТИРЗ Тетово, фирма која како што пишуваат медиумите ќе преговара и за државна помош. И сето ова од отворање на фирмата во ТИРЗ Тетово до почеток на инвестицијата се случува откако Ковачевски е премиер. Само за потсетување ТИРЗ Тетово е зона со даночни и царински поволности и ослободувања, кои се регулирани со посебен закон, појасни Лефков.
Пратеникот запраша: „Ако ова не е судир на интереси тогаш што е?“
– ДКСК да не молчи. Предвремената амнестија која се обидоа да му ја дадат на дезертерот Ковачевски пропадна во вода. Самиот призна се. Единствено правилно е сега да постапат согласно закон, и да утврдат судир на интереси, а Ковачевски да си поднесе оставка, додаде тој.