Најпрво започнува постапката за 100 квалификувани потписи, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе биде прв потпишан. Во текот на утрешниот ден и ние членовите на Извршниот комитет и пратениците секој во своите општини каде што се наоѓа на Избирачкиот список ќе ги депонираат потписите, вели Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското собрание во изјава за дневникот на Канал 5 телевизија, по вчерашната одлука на Извршниот комитет на партијата за иницијатива за организирање на референдум за бугарскиот договор.
-Понатаму според Деловникот тоа доаѓа во Собрание и стигнува во законодавно правна комисија и на матично работно тело на комисијата за политички систем каде што треба да се изјаснат комисиите дали е прифатлива или не таквата иницијатива. Ако е прифатлива се доставува до претседателот на Собрание кој што треба да ја достави до Владата и потоа Државната изборна комисија ќе треба да го организира референдумот. Но, доколку смета дека е неприфатлива треба да се стави на наредната пленарна седница за да се донесе заклучок. Ние се надеваме дека власта нема да прави опструкции за да може конечно да излезе народот и да каже што чувствува за овој штетен договор, за кој што први го потпишаа Заев и Борисов. Ние уште тогаш предупредувавме дека ќе има многу штетни последици и еве сега дека тоа практично нема крај на понижувањата, рече Лефков.
На прашањето што доколку собранискиот спикер Џафери ја отфрли иницијативата, Лефков потенцираше дека Џафери не смее да се става над процесите и постапките во Собранието, потенцирајќи дека иницијативата за Референдум е широко прифатена кај народот.
-Џафери не смее упорно да ги зазема оние позиции со кои што тој се претставува дека е над сите процедури и над сите постапки. Верувам дека било кој од власта, па ниту Џафери без разлика и колку да сме виделе негативни примери во минатото нема да смее да застане против едно вакво прашање кое што гледаме дека во јавноста е широко прифатено и имаме народен консензус дека граѓаните не се согласуваат со овие понижувања, бидејќи ние од овој договор не видовме ниту добрососедство, ниту пријателство, истакна тој.
Лефков, уште еднаш го повтори ставот на партија односно како што рече тој, ВМРО-ДПМНЕ е најсилен гарант дека нема да се случат уставните измени и внесување на Бугарите во уставот се додека не започнат преговорите.
-ВМРО-ДПМНЕ е најсилниот гарант дека уставните измени нема да бидат донесени во Собранието. Власта се нафатила и гарантирала нешто што не може да биде спроведено затоа што тоа практично значи понижување не во оваа фаза пред да бидат отворени преговорите и не во овој формат. Такво внесување ние нема да прифатиме и стоиме позади тоа, изјави Лефков.
Лефков нагласи дека Референдумот е шанса Македонија да добие подобри позиции од оние кои што ги преговарал Зоран Заев уште со потпишувањето на договорот со Бугарија.
-Овој Референдум е нашата шанса конечно Република Македонија да добие подобри позиции од оние кои што ги преговарал Заев, заклучи Лефков.