Македонија се соочува со најголемиот скандал во својата самостојност. Скандалот поврзан со злоупотребата на цитостатици и терапија на клиниката за Онкологија е мега скандал. Но да почнеме од почетокот. Пред две години ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека на клиниката за онкологија има сомнителни постапки поврзани со терапијата и лекувањето на пациентите. Власта на СДС и Ковачевски тогаш премолчеа. Пред 6 месеци медиумите исто така пишуваа за злоупотреби, кражби и препродавања на терапијата наменета за пациентите и тогаш власта на Ковачевски и СДС премолчеа, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Во целиот тој период пациентите наместо да добиваат терапија, според сведоштва и натписи, добивале физиолошки раствор или им било кажувано дека има недостиг на лекови, а скапи цитостатици биле земани и препродавани по илјадници евра ампула на црниот пазар, како тука во Македонија, така и во странство. Секој криминал има име и презиме ама и ОДГОВОРНОСТА за овој грозоморен скандал има име и презиме! Ковачевски како премиер е лично ОДГОВОРЕН за именување на двајца министри за здравство кои според член 12 од Закон за Влада покрај раководење со министерството СЕ ОБВРЗАНИ да ја следат работата и се ОДГОВОРНИ за спроведуваьето на законите и другите прописи, вели тој.
Лефков посочи дека иако во извештаите на ДЗР се нотирани набавки на лекови на реверс без формирана цена, нотирано е пречекорување на Буџетот, ненаплатени долгови, пропусти при набавка на биолошка терапија, лошо планирање на системот за приклучување на пациенти на терапијата, иако ревизијата покажала дека Клиниката нема пишана процедура за тоа како се прима, издава, троши и евидентира залихата на лекови и медицински потрошен материјал и бројни други недостатоци, Владата на Ковачевски НЕ ПРЕЗЕМАЛА НИШТО!
Оценува дела ова е скандал со монструозни размери и тој траел цели две до три години.
-Да потсетиме во 2016 бил воведен таканаречен КАТО систем за водење на евиденција на терапијата и лековите на Онколошката клиника, но веднаш по промената на власта новиот кадар на СДС поставен за директор, Нино Васев, без образложение го исклучил системот за да може да се води целата постапка крајно матно која гледаме како завршила. Буџетската дупка во клиниката се зголемувала, терапијата исчезнувала, Васев бил сменет, но затоа неговиот партнер во менаџирањето, Нехад Нухи од ДУИ останал на позицијата на економски директор, со цел “работењето “ на клиниката да има континуитет. Со овој скандал најбрутално се погазени човековите права и вредности во здравствената заштита, за чие спроведување покрај ресорниот министер директно се одговорни и ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА И ВЛАДАТА ВО ЦЕЛИНА. Согласно Член 30 од Закон за Влада: 1. Владата врши надзор над работата на министерствата и другите органи на државната управа и управните организации. За жал, за ова, власта не презела ништо! Само непостапувањето по извештаите НОСИ директна одговорност на ВЛАДАТА НА СДС И ДУИ и на ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ и тоа СО ИМЕ И СО ПРЕЗИМЕ. Колку животи можеле да бидат спасени доколку власта наместо со коалициски пазарења, наместо со договарање на директорски места се зафатила со почитување на Законот и реагирала навреме? Владата на СДС И ДУИ и нивните кадри, “мултикриминално“ крадат од учебници, крадат од патишта, од државна помош и државни фондови, но крадат и препродаваат терапија од болни од канцер, истакна Лефков.
„Ете толкава несреќа ја зафатило Македонија со оваа власт.
Оставките во овој случај се најмалку што можат да направат.
Оставките треба да бидат прв чекор, кој што ќе гарантира дека може да се води истрага и соодветна постапка без да се влијае врз неа од позиција на моќ и власт.
И кога велиме оставки тука не мислиме само на менаџментот на клиниката, туку и на министерот и заменикот за здравство, но и на цела влада.
Дополнително се сомневаме дека и обвинителството предводено од Јовески или Абази нема да спроведе ништо во насока на откривање на вистинските виновници, едниот чека власта да го избере за уставен судија, а на другиот цела јавност виде дека на врат му е цела партија.
Искуството покажува дека тие може да откријат дека некој кабел или некоја цевка се виновници за сето ова.
Патем истиве овие ликови покажаа како практикуваат правна држава за случаите со Дурмо турс, Беса Транс, модуларната болница во Тетово и десетици други скандали во кои беа заштитници на криминалот.
Доволно е!
ВМРО-ДПМНЕ ќе покрене анкетна комисија во Собранието на Република Македонија, на која ќе се разговара и истражува оваа афера со клиниката на Онкологија.
Исто така ќе побараме граѓаните кои имаат било каква информација поврзана со овој криминал директно да се обратат до нас, или нека проговорат јавно во медиумите бидејќи тоа ќе помогне да се разоткрие целата мафијашка спрега помеѓу власта и здравството.
На крајот на сите вмешани им порачуваме дека одговорност ќе има за секого за само неколку месеци, подобро да соработуваат и да дозволат структурите во власта да ги изгорат и остават на цедило.
Порака до “мултикриминалната“ Влада на Ковачевски, залудни ви се спиновите. Џабе ви се расфрлањата пердуви. Бадијала ви е лажењето.
Ова е преголем криминал за да го покриете или дефокусирате. Овде се работи за човечки животи и човечки судбини. Готови сте! Следи одговорност“ – посочи Лефков!