Дури и да ја знаевме повредата на ‘рбетниот мозок, курсот на лекување ќе остане ист, изјави Маја Мојсова Миовска, лекар од Клиника за анестезија и реанимација во врска со лекувањето на ракометарот Денис Тот кој бил примен на клиниката на 7 април 2022 година откако бил претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје.
Мојсова Миовска на прашање од одбраната денеска пред Судот изјави дека во лекувањето учествувала од денот кој што, како што рече „практично е 7 и наредниот ден 8, до моментот кога стварно не го изгубивме човечкиот живот“.
Според неа причината за смртта генерално е престанок на работа на срце или на дишење.
– За жал ние сме анестезиолози и немаме алатка која што може да ни даде увид во тоа која е главната причина за смртта, ние во тој момент немавме податок, рече таа.
Прашана какви надворешни повреди биле забележан при приемот, одговори дека на видливите регии не успеале да видат нешто што ќе ја објасни состојбата на престанок на работа на срце и престанок на дишење.
– До моментот кога пациентот почина немавме никаков податок што се случило со тој пациент, рече таа.
На предлог на одбраната денеска сведочеше и лекарката Билјана Андоновска, исто така од КАРИЛ, која што пред судот изјави дека во лекувањето се приклучила на денот на настапувањето на смртта на оштетениот.
– Пациентот е донесен без знаци на живот и без срцева акција, пристапено е кон основно и напреднато одржување во живот, рече таа.
Прашана за причината за смртта, таа одговори дека немале изведено заклучок.
– Првичната информација беше дека колабирал во кафич, се спровела долга реанимација, беше спроведена компјутерска дијагностика, беа повикани сите специјалности за кои што мислевме дека можат да помогнат, беа направени низа биохемиски и микробиолошки анализи, пациентот во текот на целото лекување беше респираторно и хемодинамски поддржан, рече таа, дополнувајќи дека со оглед на нејаснотиите за причината за смртта, пациентот бил испратен на судска медицина.
На прашање дали повредата на ‘рбетениот мозок им била позната, таа одговори дека според првичната дијагностика што била направена, како што рече „немавме таков опис во документацијата која што ја имавме на увид“.
Прашана дали преземале дејствија за лекување на таа повреда таа одговори дека по протокол кај сите пациенти постои, како што рече „шансова кравата, која што превенира евентуално постоење на повреди или влошување на таквата состојба“.
Обвинителката Тања Трајчевска претходно на денешното рочиште изведе материјални докази – рентген снимки од оштетениот Денис Тот изготвени од Судска медицина.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. (МИА)