Ако во некое поле, откако сум на функцијата, имам постигнато најмногу, тоа е токму во упатувањето на амбасадори и конзули, бидејќи направивме голем исчекор во делот на професионализација на службата и затоа побарав и формирав работна група во Министерството за анализа на индивидуалните досиеја на упатени дипломати од 2006 година, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој со доза потценување говореше за минатите амбасадори кои биле поставувани за време на неговите претходници.
Вели дека во претходните години биле испраќани луѓе кои претходно работеле во фирми за лекови, чоколади, детски градинки.
-Конзул во Солун, а потоа и амбасадор бил директно земен од фирма за лекови. Генерален конзул во тој период преземена од детска градинка. Генерален конзул во Торонто со Факултет за физичка култура преземен од Агенција за млади и спорт. Амбасадор во Загреб имал Факултет за шумарство, а претходно управител на старечки дом. Амбасадор во Абу Даби, претходно бил вработен во фабрика за чоколадо. Амбасадор во европска земја, претходно искуствопридружба на сопруг-амбасадор. Амбасадор во Анкара бил преземен од Македонски пошти, вели Османи.
Амбасадори во време на оваа Влада, стануваат лица со дамки во кариерата. Според пишувањата на дел од медиумите, овие лица се проследени со разни скандали, неуспех во службата, но затоа имаат големи успеси во партиските служби на партиите на власт. Пред Османи вакви кадри поставувал и Никола Димитров.
Да видиме, каков профил имаат дипломатите со чие поставување се гордее Бујар Османи и Владата на СДСМ и ДУИ.
Милаим Фетаи е амбасадор во Загреб, а за него се зборуваше дека има покренато кривични пријави.
Сашко Тодоровски е амбасадор во Прага. Тој беше учесник во Шарената револуција и беше претседател на синдикатот на МНР, од каде наместо да си ја работи службената должност си правеше партиски кампањи. Така, тој ја злоупотреби својата функција повикувајќи да се гласа за СДСМ на парламентарните избори. Сопруг е на Мирјана Најчевска која со години се претставува како експерт прекршувајќи гом членот 23 од Етичкиот кодекс на МНР, без никакви санкции на раководството.
Фатон Бејта е внук на Невзат Бејта. Тој е амбасадор во Копенхаген. Единствена заслуга за која очигледно беше награден со функција од оваа Влада, е тоа што избрка луѓе од работа во МНР, кои судот потоа ги врати.
Теута Агаи – Демјаха, добива висока функција во Постојаната Мисија при ООН во Женева. По професија е докторка.
Со амбасадорско место беше награден уште еден човек кој нема никакви заслуги во дипломатијата. Но, исполнувал очигледно важен критериум, тој е близок пријател на Зоран Заев. Стојан Витанов стана Конзул во Венеција.
Амбасадорското место во Казахстан, Сали Лимани си го доби како заслуга за паартиско лобирање за ДУИ во тетовско.
Без безбедносен сертификат, Дане Талески замина во Постојаната Делегација при НАТО во Брисел. Тој не се појави на Комисијата за одбрана на тезите во Собрание, што значи дека на ова место отиде без визија за работа која би донела напредок за Македонија, туку само за таму да биде послушник на Заев.
МНР и Владата имаа голема желба амбасадор да биде Љубомир Фрчковски. Овој политичар го следат низа скандали во кариерата, меѓу кои и насилство.
Данчо Марковски доби амбасадорско место во Тирана. Според извори од владината коалиција идејата за негово назначување била на Тито Петковски, кој важи за близок соработник и поддржувач на Зоран Заев.
Дипломатот од кариера Јордан Панев е Генерален конзул иако веќе треба да е пензиониран.
Светлана Гелева и Агрон Буџаку се испратени на вакви високи функции иако поседуваат двојни државјанства. Дали се откажале од второто, не откриваат.
Османи, ДУИ и СДСМ прават и низа сомнителни внатрешни вонредни унапредувања.
Арлинда Бекири е донесена од СЕП, за нецела година добива функција во македонската амбасада во Стокхолм. На државна сметка таа таму учи за дипломатијата иако нема никаква заслуга. Всушност, има еден важен критериум кој го исполнува, а тоа е што важи за една од најблиските соработници на Бујар Османи.
Синот на кандидатот за градоначалник на СДСМ во Струга, Шипинкаровски, нема положено дипломатски испит и нема безбедносен сертификат, но тоа не било важно за да добие функција. Го наградија за партиски заслуги.
Бони Цветановска е во МНР веднаш по смена на власта, како кадар од невладиниот сектор. Добива функција во Виена. Нејзината мајка е истакнат член на СДСМ, но и близок пријател со Петре Шилегов.
Драган Алчинов е еден од шефовите на СДСМ во Гевгелија. Стана дел од екипата на екс-министерот за надворешни работи Никола Димитров. Сега е избран за мандат во амбасадата во Софија. Алчинов е дел од Мешовитата комисија со Бугарија. Како и зошто е таму, никој не знае. Тoj нема соодветно дипломатско искуство ниту пак соодветен безбедносен сертификат за да може да биде присутен на состаноците.