Со почеток во 12 часот денеска, во Кабинетот на Претседателот „Вила Водно“ ќе се одржи лидерска средба, на која ќе присуствуваат претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи.
Од Кабинетот на Пендаровски информираат дека на лидерската средба е најавено присуство на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, претседателот на Движење Беса, Билал Касами и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
Видео инсерти и фотографии од средбата ќе бидат дистрибуирани до медиумите од страна на прес службата на Кабинетот веднаш по почетокот на лидерската средба.
Изјавите за медиумите по завршување на лидерската средба, ќе бидат пренесувани на Јавниот сервис МРТ, на Facebook страницата на Претседателот и на YouTube каналот.