Власта којашто е на чекор од заминување сега навлегува во суштинско менување на закон којшто ја регулира сета културна дејност во Република Македонија, преку менување во Закон за јавен интерес во културата, ова денеска преку прес-конференција за јавноста го истакна Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.
-Предлог-законот којшто од следната работна недела треба да се најде пред пратениците, воопшто не ги исполнува методолошките и номотехничките стандарди за изработка на прописи од ваков тип. Правните празнини и недоречености во него отвораат можност за мноштво проблеми во неговото спроведување, односно за негово толкување, што отвора простор за арбитрирање на власта во процесот на толкување и примена на едно вакво законско решение кое ја регулира клучна идентитетска област на една современа држава. Предлог-текстот е изработен и протнат до Собранието на „мала врата“ и без соодветна стручна и јавна дебата, за да се да се изврши со него целосно преформулирање на националниот и на државниот интерес во ЈАВЕН интерес. Целосното бришење и ништење на националниот и државниот интерес во културата е без преседан во законодавствата на европските и современите демократии. Без општ консензус во дефинирањето на државниот, националниот и јавниот интерес, ваков закон уште на самиот почеток е неодржлив. Од гледиште на меѓународната културна соработка, што е показател за односот кон една од трите стратешки одредници на европската надворешна политика, целосно е исклучено дефинирањето на меѓународната културна соработка и културната дипломатија, остварувањето на државниот и националниот интерес во нивната презентација пред странски публики, потенцира Љутков.
Тој додава дека се наметнува впечатокот дека со ваков закон власта се обидува да ја „ослободи“ државата од бројни важни и репрезентативни национални установи, препуштајќи ги на локалните самоуправи – без неопходна и издржана анализа, без соодветна стратегија и методологија, без диференција на установите и нивната државна, регионална и локална важност. Ова остава впечаток дека изготвувачот на законот има само една и единствена цел, под плаштот на децентрализација во културата да го симне товарот на финансирање и поддршката на бројни успешни и репрезентативни национални установи и тоа да го препушти на општините.
-Истовремено, Предлог-законот ги укинува и националните пензии на врвни репрезентативи на македонската култура, со дрско образложение дека тие „не придонесуваат за развој на културата“, сметајќи ги за ставка „трошок“ во државниот буџет. Законот според власта треба да предвиди зголемен, но недефиниран обем на дискрециони права на министерот за култура, за што инсистираме на повлекување на текстот и отворање на широка дебата за законското дефинирање на правата на министерот за култура, со што би се спречиле идни односи во културата градени на волунтаристички, арбитрарни и клиентелистички основи. Оттука, сега само ќе предочам само неколку загрижувачки факти од обидот на власта за длабоко навлегување во културната сфера: Целосното бришење на предзнакот „национален“ интерес, којшто би се заменил со „јавен“, со што се брише македонскиот карактер на културата, а таа станува култура на недоволно дефинирана заедница. Јавниот интерес во културата е заеднички именител и за државниот и за локалниот интерес во културата, но тие интереси не се јасно дефинирани во Предлог-законот. Новиот Предлог-закон не нуди нови елементи за развој на културата, и во себе не содржи јасни утврдени мерила и критериуми кои би овозможиле квалитативна селекција и поддршка на проектите од областа на културата и рамноправен третман. Со други зборови, во смисла на Законот, културата не е воопшто дефинирана. Овој Закон овозможува некои субјекти под превезот „јавен интерес“ да добијат повластувања за реализација на нивните проекти, исто колку и националните институции и стожерите на македонска култура. Уште поверојатно – наместо нив! На ова се надоврзува и укинување на титулата НАЦИОНАЛЕН УМЕТНИК. Се укинува поттикот за уникатно творештво, исклучителноста на делото, високи вредности во уметноста. Се укинува било каков критериум во културата, за сметка на останатите кои сакаат да бидат уметници, што значи деградирање и релативизација на успешноста и достигнувањата на македонската културата, вели Љутков.
Тој надополнува дека во делот на финансирањето не се нуди нов модел на финансирање, туку се воведува само нов, уште еден конкурсен рок, што доведува до субјективно оценување заради евидентното отсуство на критериуми и мерила.
-Воедно, Предлог-законот предвидува и објавување на ад-хок повици за други конкурси, што, пак, е во директна колизија и укажува на непостоењето јасна стратегија за развој на културата. Предлогот за повеќегодишно, односно тригодишно финансирање на начин и постапка пропишани со општ акт донесен од министерот за култура, повторно укажува на субјективност и произиволност во спроведување на повиците. Ова е Предлог-закон во којшто се директно вградени политичките решенија на власта, политички инструмент за остварување на интересите само на поединци. Овој предлог-текст е креиран во согласност со интересите на мала група поединци кои се дел од комисиите и групите кои беа именувани од националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски. Со други зборови, со ваков Предлог-закон власта во заминување сака да создаде амбиент за да се фаворизираат и понатаму поединци и целосно ја покрие нивна активност и дејност во сите фази, со неизоставна, законски утврдена поддршка од државата, рече на крајот Љутков.