Во завршна фаза е подготовката на тендерската документација за надзорен инженер и за техничка помош, како и за градба за последните 24 километри од железничкиот Коридор 8 кон Република Бугарија. Со поддршка на сите владини институции и на Мисијата на ЕУ во Скопје, ја подготвуваме документацијата, а очекувањата се дека за скоро време ќе биде објавен тендерот и до крај на годината ќе имаме избран изведувач, вели во интервју за МИА, Хари Локвенец, директор на ЈП Железници на РСМ Инфраструктура.
Со него разговаравме по повод претстојниот јубилеј – 150 години железнички сообраќај во државава.
Тој вели дека е евидентен прогресот на тековните активности за првите две фази од пругата кон Бугарија, а очекува изведувачите да ги завршат овие проекти во предвидениот рок.
Во интервјуто, Локвенец се осврнува и на подготовките за тендерот за третата фаза и експропријацијата за тој дел, а до крајот на 2027 година очекува да го завршиме нашиот дел од источното крило на железничкиот Коридор 8. Најавува дека до крајот на мај ќе биде завршена реконструкцијата на дел од Коридорот 10 на потегот од Ногаевци до Неготино.
Овој јубилеј го одбележуваме со долгогодишниот проект во најава, за пруга кон Бугарија, каде од крајот на октомври повторно има работа на терен. Како се одвиваат активностите за првите две фази, што е направено досега од изведувачите?
– Првите две фази, од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километар. Прво, според критериумите на Европската Банка за Обнова и Развој која е финансиер на кредитот, на овој дел од пругата, меѓутоа и според мислења на други релевантни чинители од професијата имаме избрано капацитативни фирми, за првата фаза австриската конзорциум Штрабаг и за втората фаза турската фирма Гулермак. Прогресот и на двете фази е евидентен и очекуваме дека и двете фирми своите проекти ќе ги завршат во предвидениот рок. Во истата објава беше и реконструкцијата на дел од Коридорот 10 на потегот од Ногаевци до Неготино, ја работи компанијата Штрабаг и според плановите на понудата и според реализацијата на терен, реални се очекувањата дека до крајот на мај оваа реконструкција ќе биде завршена во предвидениот рок. Во врска со кадровскиот потенцијал можам слободно да кажам дека во овој момент како водач на Македонски железници инфраструктура сум почестен да работам со вакви работници, кои до максимум се вложуваат себеси и да бидам искрен железничарите се посебна категорија на луѓе, категорија со огромно и неизмерно чувство на припадност и одговорност кон сопствената професија и работата која ја работат и ја завршуваат. Кога веќе зборуваме за историја, би сакал да напоменам дека темелот на секое напредно и револуционерно движење во Македонија биле железничарите со своите прогресивни размислувања, со својата важност во сите процеси и со чистата мисла и бистрата идеја како да се стигне до посакуваните резултати. Во моментов сме во фаза на обновување на стручниот кадар во Железници-инфраструктура преку користење на искуството и знаењата на скоро пензионираните инженери и експерти во оваа област со нивен ангажман за трансфер на нивното знаење искуство кон помладите инженери и вработени во другите области на железницата. Зошто водете сметка, ние во овој момент го ставаме акцентот на градбата на новите пруги, меѓутоа железницата е многу повеќе водење на сметка за безбедноста и сигурноста во железничкиот сообраќај, а тоа подразбира безбедноста и сигурноста на патниците, генерално на македонските граѓаните. Баш заради тоа потребен ни е трансфер на знаење на инженерско, меѓутоа и искуство од сите други области и сфери поврзано со функционирањето на железничкиот сообраќај. Кога зборуваме за финансии сметам дека во овој период евидентна е поддршката и од страна на Владата преку македонскиот Буџет, меѓутоа и од страна на Европската Унија преку своите механизми на доделување на грантови од типот на ИПА Програмите и Програмата Western Balkan Investment Framework (WBIF) или Инвестициската рамка на Западен Балкан преку која ЕУ со грант средства ги помага нашите проекти. И овде би сакал да потенцирам дека за разлика од другите земји корисници на овие средства во релативна бројка како процент во учество во вкупните проекти, ЕУ на ниво од 50 проценти учествува со грант средства по наш речник “со пари без пари”, “со бакшиш пари”, “со поклон пари” како би не поддржала за реализација на овие проекти. Се надевам дека до формалното зачленување на македонската држава во ЕУ ќе продолжи овој тренд од околу 50 проценти поддршка со грант средства од ЕУ, а со самото зачленување дека истата ќе порасне на 85 проценти, која е пракса во останатите земји-членки на Европската Унија. Кога зборуваме за првите две фази, после подолго време можам со задоволство да кажам дека почна изградбата на првите две фази од вкупно три на источното крило на пругата кон Бугарија.