сабота, 20. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Лозановска: Власта сака да формира нова „Пазар 3“ Влада за да купи ден повеќе за да биде на власт

Лозановска: Власта сака да формира нова „Пазар 3“ Влада за да купи ден повеќе за да биде на власт

„Сега на „Пазар 3“ на принцип “на ти го дај ми го” или “колку пари ми даваш за пратениците да гласаат за тебе” итн власта сака да формира една Влада за да купи ден повеќе, месец повеќе или неколку месеци да биде на власт. Меѓутоа едно треба да знаете Република Македонија не е ваша сопственост, бидејќи таа е сопственост на граѓаните“, рече пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска на денешната собраниска седница.

Таа кажа дека во изминатите 6 години Владата нема направено ништо затоа што наместо да ги засукаше ракавите и нешто да направи таа се занимаваше со тендери и зделки во 4 очи.

„Власта користејќи само празни флоскули, добрососедски односи и уставни измени, како и европеизација го донесe народот во една агонија да не знае што ќе се случува утре или по еден месец или пак по една година и им дава отровни кнедли. Зарем вака се влегува во елитниот клуб на европските земји како што власта кажува дека е за влез во елитен клуб во Европа“, кажа Лозановска.

Лозановска посочи дека Македонија е давастирана и растурена со свиткана кичма, апатична во агонија, како и надворешно и внатрешно руинирана. Тоа е затоа што не функционираат институциите на државата внатрешно ниту однадвор. Како ваква никогаш нема Македонија да седне на столчето во Европската Унија.

„Република Македонија е болна а дијагнозата е дисиминирана со неопластичен процес, етиологија СДСМ и ДУИ а терапија се избори. Да го прашаме народот дали сака да продолжи да оди по оваа провалија или сака да оди по правиот пат по Европска Унија меѓутоа не ваква каква што е сега затоа што оваа Влада како што се однесува поданички кон соседите го уништи цел македонски народ“, рече Лозановска.

Најнови вести