Лозарите од Тиквешкиот регион бараат грозјето од годинешнава реколта да се плаќа според шеќерни единици, истакна денеска претседателот на Здружението „Напредни лозари”, Трајче Кулев.
– Ги утврдивме нашите предлог цени и плаќање според шеќерност. Колку повеќе малигани, повеќе пари. Така на пример за најзастепаната сорта „смедеревка“ бараме цената за најниска шеќерност од 16 малигани да се откупува по цена од 13 денари. За 17 – 13,8, за 18 – 14,6, за 19 – 15,4, за 20 -16,2, додека за највисока шеќерност од 21 малиган цената да изнесува 17,06 денари за килограм, појасни Кулев.
Според калкулациите на Здружението, цената на „вранецот“ како најзастапена црна сорта на грозје, за 18 шеќерни единици да изнесува 15 денари, за 19 – 15,8, за 20 – 16,6, за 21 – 17,5, за 22 – 18,3 денари за килограм, со постепено зголемување на цената за секоја шеќерна единица, при што за 23 малигани цената според нив треба да достигне до 19,17 денари.
На досегашните нивни барања, Владата остана глува. Кај надлежните владее молк, а лозарите мора да живеат со својот проблем.