Меморандум за заемна соработка меѓу дипломатските академии во министерствата за надворешни работи на Македонија и на Украина и заедничка декларација, денеска потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Павло Климкин кој е во дводневна официјална посета на Македонија.
Димитров по средбата информираше дека со неговиот колега се договориле и за возвратна посета во Киев на која ќе се потпише спогодба за патување без визи во двете земји, односно за трајно укинување на визите за краткорочен престој. На средбата се разговарало и за економската соработка за која и двајцата се согласиле дека постои можност за интензивирање.
– Имаме договор за слободна трговија, меѓутоа бројките не соодветствуваат на потенцијалот. Работиме на унапредување на договорот, а процесот е веќе почнат. Имаме заедничка визија за стабилна и просперитетна Европа и во таа смисла реафирмирајќи ја приврзаноста кон европските принципи и вредности се осврнавме на европските и евроатланските аспирации на нашите две држави. Иако имаме специфичен пат и се соочуваме со разни предизвици, Македонија и Украина се подготвени да разменуваат искуства и заемно да се поддржуваат во остварувањето на заедничките цели, истакна Димитров.
Министерот за надворешни работи на Македонија најави неформална средба на двајцата министри во Охрид заедно со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.
Климкин потенцираше дека Македонија е важен партнер за Украина на Балканот и дека двете земји заедно чекорат кон Европската унија и НАТО. Нагласи дека економската размена не треба да ги опфаќа само продуктите и инвестициите, туку дека потребана е и размена меѓу луѓето и науката.
– Сакам да се заблагодарам што Македонија зема за рехабилитација украински војници што за нас претставува нешто што е многу емотивно, реално покажување на пријателството што некогаш е поважно отколку формалните посети, рече Климкин.
Шефот на дипломатија денеска треба да има средба и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
МИА