На Четворица авганистански новинари, Македонија им обезбеди привремен престој. Изутрината на Меѓународниот аеродром Скопје, пристигна група од четворица новинари од Авганистан кои се во опасност од новите тамошни власти, информира Владата.
Станува збор за ТВ и радио новинари кои работеле за локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а по падот на демократската влада, добивале закани по живот од Талибанците.
-Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Со прифаќање на овие авганистански граѓани, земјава ја продолжува активната улога во големата хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан. По слетувањето беше спроведена стандардната процедура – безбедносна проверка, заштита и ПЦР тест. Ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од организацијата Новинари за човекови права. Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош, се вели во соопштението на Владата.
Од Македонија до сега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.