Започна во Србија се префрли и во Македонија. Трендот со пријавите за лажни бомби по училиштата не престанува веќе неколку месеци.
Наместо ученици, пред скопските средни училишта гледаме специјалци наоружани до заби, единици на антитероризам, полициски кучиња, ротациони светла, надлетуваат полициски хелокоптери….
Учениците веќе се преплашени од овие глетки, небаре живееме во Палестина, па ова секојдневие да ни е нормална работа. Македонија се стреми да стане членка на ЕУ, а од неодамна е и 30-та земја членка на НАТО, најмоќната воена алијанса во светот.
Алијанса во која членува и најмоќната земја во светот САД, членува Велика Британија, Франција, Германија… земји кои се моќни, земји кои располагаат со најнова технологија, па затоа ваквите дојави за бомби во овие земји ретко и се случуваат.
За триесет години независност, Македонија не успеа да фати чекор со модернизирање на институциите, па така додека ние ги фатиме дојавувачите на бомби може да поминат и неколку години.
Секторот за сајбер криминал во МВР има квалитетни кадри школувани во странски држави, Јапонија, Израел, САД… но опремата со која работат по се изгледа е застарен модел па тешко им се влегува на криминалците во траг.
Е сега, се поставува едно прашање, дали навистина ваквите дојави за бомби се праќаат од трети лица или самата држава го прави ова?!
Но, да претпоставиме дека тоа го прават трети лица, а пред неколку дена едно беше уапсено (по грешка) па пуштено на слобода. Во ситуацијава, МВР не може да ги открие овие лица, а нели сме земја членка на НАТО?! НАТО сојуизниците треба да си помагаат! Зошто до сега не е побарано помош од некоја од овие земји членки или земји блиски со НАТО алијансата, како што е Израел? Оваа држава ја има една од најдобрите и најопременита разузнавачка агенција во светот!
Израел, САД, Германија и Франција важат за земји кои имаат најсилни разузнавачки служби, па доколку побараме помош од нив тие не би нè одбиле и би ни помогнале, а доколку постојат трети лица во ситуацијава, истите ќе бидат фатени, бидејќи ваквите дојави се серизна закана за една држава, а доколку продолжат и во наредниот период се заканува тотална безбедносна дестабилизација на Македонија.
Дестабилизација на државата значи одвраќање на инвеститорите, бидејќи никој не сака да инвестира во земја која во секој момент може да експлодира некоја бомба, да загинат многу луѓе…
Што покажуваме со ваквата неспособност?
За жал, да, ова е класичен пример за неспособна држава. МВР потфрли, а министерот Спасовски по интервјуа кажува дека тие имале траг.
Пред неколку дена уапсија едно дете, го апсеа 40 полицајци, небаре мислиш е терорист од највисок ранк, за кое се испостави дека нема никаква врска со овој случај. Одземени му беа сите лични предмети, комјутер, телефон… и да дедени на вештачење, а денес повторно добивме нова пријава.
Четири скопски гимназии денес добија пријави за наводно поставени бомби и повторно прекинаа со работа, училиштата беа испразнети, а специјалците се на терен, се проверува секое ќоше, најверојатно повторно оваа пријава ќе биде лажна, но по закон мора да се спроведе процедурата, бидејќи во спротивно доколку се случи да истата биде вистинита, не сакаме да претпоставиме каква би била штетата!
Свесни сме дека сме мала држава, свесни сме дека нашите ресурси се ограничени, но на ова мора да му се стави крај, затоа МВР мора да си признае дека не може да се справи со оваа ситуација и да побара помош од нашите пријателски земји кои сигурно ќе ни помогнат.
Што доколку продолжи оваа ситуација?
Доколку продолжи оваа ситуација Македонија небезбедна земја, ќе нè одбегнуваат странски инвеститори, туристи, оние средношколци кои сега се евакуираат од полицијата образованието ќе го продолжат во други држави, граѓаните ќе се плашат за својот живот. Со една реченица – Македонија ќе стане земја на стравот! А самото тоа води кон колапс и бездна од која тешко се излага.
Што доколку се случи посериозна ситуација?
Замислете да ни се случи ново „Диво насеље“, но овој пат во некое средно училиште. Само замислете. 40-тина терористи да влезат во некое средно училиште во Скопје полно со ученици, во тоа училиште има најмалку 500 ученици во смена. Што правиме тогаш?! Да употребиме малку цинизам, најверојатно владава тогаш ќе распише предвремени избори за некоја друга влада да ја решава таа ситуација, но овде ѓаволот ја однел шегата.
Не треба да се доведеме до ситуација да станеме земјата на стравот, земја која сите ќе ја заобиколуваат, не смееме да станеме земјата на хаосот и нередот, бидејќи така ќе им го отвориме патот на другите да нè газат и понижуваат на сите полиња.
Земја која не може да се справи со лажни дојави за бомби треба да се замисли каде згрешила, ако за тоа е способна!