Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашниот протестен марш, кој започна од пред седиштето на партијата, а заврши пред Владата, испрати повеќе пораки.
Мицкоски, пред присутните граѓани, порача дека сите заедно, еден до еден, ќе и го покажат на СДСМ местото во историјата.
-Среќавам многу луѓе, наши сограѓани, сопартијци, среќавам браќа и сестри кои што ме критикуваа и велат каде сте ве нема, зошто не излеговте? Еве излеговме. Излеговме и за националното понижување и за националното омаловажување, но излеговме и за сите економски порази, затоа што сме понесреќни, затоа што Македонија ни е посиромашна, затоа што Македонија ни е обвиткана со црнила и темнина. А ние Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и Бошњаците ќе се обединиме. Сите заедно рамо до рамо да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт предводена од овој аболиран политичар Зоран Заев. Зошто ни е нас времето? Времето важно за да можеме поорганизирани, посплотени да се собереме овдека на ова плато, да можеме што помасовно да го изразиме нашиот револт. Без автобуси без да можеме да ги тераме со сила нашите сограѓани како што тоа го правеше Зоран Заев за еден друг проект. Да дојдат слободно и граѓански, демократски да го изразат својот револт против сите овие црнила, економски, политички, национални омаловажувања што ни се случија овие година и половина. Година и половина ја уништуваат Македонија, рече Мицкоски.
Тој посочи дека знае дека граѓаните се со нив и дека го поддржуваат секој нивен чекор, секоја нивна политика. Сето она кое што преостанало од нашата татковина, а кое што ние сакаме да го спасиме.
Партискиот лидер нагласи дека протестите ќе се одржуваат секоја среда во Скопје, а ширум Македонија за време на викендите.
– Зошто, затоа што овдека треба да го изразиме нашиот револт, а нашиот револт ќе биде изразен поинаку, нема да биде како тие што правеа бидејќи ние ова го градевме, нашиот револт е демократски, граѓански со мирни протести ќе им покажеме како се сака татковината. Нема да фарбаме, нема да кршиме. Ја гледам оградата се уште стои, а од пред две години велеа дека ќе ја тргнат. Што е, се плашите ли од народот?, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од пред Владта, Мицкоски истакна дека нема да ветува чуда, туку ќе дава ветувања кои сигурно ќе ги исполни.
-Ве молам и Вие кои што денеска застанавте рамо до рамо со нас и вие кои што не гледате од дома, секогаш кога ќе ги полните штабовите, кога ќе доаѓате до нашите сограѓани, до нашите соборци да им ја кажувате вистината за ВМРО-ДПМНЕ. Да бидеме чесни и принципиелни и најважно од се честити. Затоа што само така можеме да ги освоиме повторни и довербата и срцата на нашите сограѓани. Нема да ветиме 500-тини километри автопат затоа што тоа е невозможно, но ќе ветиме 500-тини километри патишта кои што ќе ги направиме за да нашите сограѓани помалку имаат незгоди на тие исти патишта. Нема да ветиме дека ќе донесеме чист воздух, како што кажуваше еден политичар кој што сега претпоставувам се наоѓа внатре во некоја од просториите на оваа зграда. Не можеме тоа да го ветиме дека само што не паднал тој и веднаш ќе почне да дува алпски воздух. Нема тоа да го направиме. Но, ќе ветиме 30 проценти на намалување на загадувањето секаде, затоа што имаме методологија и емпириски докажана методологија дека тоа ние го можеме да го растераме црнилото кое надвиснало над македонските градови и села. Нема да ветиме нешто што не можеме да исполниме. Но, тоа што ќе го ветиме тоа почитувани сопатници и ќе го реализираме. Чувствувам емоција, чувствувам пркос кај секој еден од нас овдека присутен. Чувствувам љубов и најважно од се чувствувам мотив дека во овој наш пат кој нема да биде ниту лесен, кој што нема да биде ниту едноставен, ќе издржиме, ќе изодиме заедно и ќе стигнеме до нашата цел, истакна тој.