Средношколците Бојан Лазоски, Џастин Халил, Филип Стојановски, Милена Цветковска, Арсим Фазли, Методија Михајловски и Мирхан Јусуфи од средните училишта АСУЦ „Боро Петрушевски“ и СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје имаа едномесечна пракса во компании во Севилја, Шпанија, од каде се вратија со поголемо професионално и практично искуство, соопштија од Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење.
Посетата се реализираше во рамки на тригодишниот проект INTERVET Западен Балкан, кој им овозможува над 360 ученици од стручните средни училишта од земјите од Западен Балкан (Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија) да реализираат едномесечна пракса во странство.
Сите трошоци поврзани со патувањето и престојот се покриени од проектот во рамки на програмата за мобилност Erasmus +.
Проектот има за цел да ги зајакне техничките и професионалните вештини на учениците од средните стручни училишта преку имплементација на стекнатото теоретско знаење во реална работна средина во согласност со нивната струка. Сето ова придонесува да се развијат нивните индивидуални квалификации и можноста за понатамошно вработување.
Координатор на проектот за нашата земја е НЦРИПУ – Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење.
– Следните две ученички пракси во странство во рамките на овој проект ќе се одржат во Лион, Франција во периодот од 15 февруари до 15 март 2022 и во Болоња, Италија во јуни 2022.
– Рокот за пријавување за Лион е до 17 ноември 2021 година, а сите заинтересирани ученици повеќе информации може да најдат во повикот со сите информации за условите за реализација на праксата, по што може да започнете го процесот на аплицирање, информираа од Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење.