недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕК ја тужи Шпанија поради несоодветна примена на правилата на единствената европска железничка област

ЕК ја тужи Шпанија поради несоодветна примена на правилата на единствената европска железничка област
епа

Европската Комисијата одлучи да ја тужи Шпанија пред Судот на правдата на ЕУ поради неправилна имплементација и примена на Директивата за воспоставување единствена европска железничка област, јави дописникот на МИА од Брисел.

Еврокомисијата смета дека со шпанската законска регулатива за железниците се прекршуваат неколку одредби од Директивата на ЕУ, кои се однесуваат на независноста во управувањето со железничката инфраструктурата, на непочитување на комерцијалните принципи и на неусогласеност на договорите меѓу Владата и операторот со железницата.

Како што соопшти ЕК, таа во мај 2018 година испратила писмо за формално известување до Шпанија за своите забелешки за неусогласеноста со Директивата, на кое Мадрид одговорил во јануари 2019 година, информирајќи дека некои од забелешките се решени со новото законодавство на земјата, додека за другите е „потребна понатамошна работа“.

Врз основа на одговорот, Комисијата утврдила дека Шпанија не успеала да обезбеди правилно усогласување со неколку членови од Директивата и во октомври 2019 година испратила мислење до Мадрид во кое го образложува својот став. Лани во декември Шпанија ја известила Еврокомисијата дека спровела дополнителни мерки.

Сепак, анализата на ЕК покажала дека не биле усогласени сите посочени забелешки, поради што е донесена одлуката Шпанија да биде упатена пред Судот на правдата на Европската унија.

Посочената Директива има за цел создавање отворен европски железнички пазар, понуда на повеќе услуги од страна на железничките оператори и привлекување нови клиенти.