Во Берово е формирано ново здружение „Малешевци за Малешевијата“, со основна цел навраќање на малешевските граѓани кон корените и еснафскиот малешевски статус на регионот.
Од здружението информираа дека на основачкото Собрание одржано на 22 април годинава, биле усвоени актите за основање, статутот, програмата за работа и други одлуки за основање согласно позитивните законски одредби.
– Во фокусот секако е поддршка и развојот на општеството, во кое социјално ранливи категории на граѓани се третираат еднакво во нивните права, за да ги подобриме економските, културни и образовни состојби, Исто така цел на Здружението е заеднички да ги вратиме малешевските граѓани кон корените и еснафскиот малешевски статус на регионот, од каде почнала мисијата на словенските просветители Св. Кирил и Методиј, истакнаа од здружението.
Иницијатор за основање на здружението ,,Малешевци за Малешевијата” е познатиот бизнисмен со беровски корени Благој Механџиски, кој додаде дека истражувајќи на оваа тема повеќе од приоритет е враќањето на стариот еснафски дух со кој се одликувал малешевскиот крај и по кој биле препознатливи самите Малешевци.
Меѓу останатите посебни цели и задачи од здружението ги наведоа унапредување на земјделството, зачувување на шумите и искористување на шумските плодови за одржлив развој, потоа зголемување на постојниот стопански потенцијал како и враќање на индустриските капацитети, занаетчиството и земјоделските ресусрси кои се на работ на изумирање.
Очекуваат преку активностите за кои ќе се залага здружението, да се овозможи поддршка на спортските и рекреативните здруженија кај младите лица, средношколците и старите лица, промовирање на туристичките потенцијали преку различни активности и проекти од домашна и меѓународна поддршка. Во делот на културата предвидуваат организирање на неколку локални, регионални, национални и меѓународни фестивали.