четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

МАЛЦИНСКИ ИЗВЕШТАЈ

МАЛЦИНСКИ ИЗВЕШТАЈ

Денес во Собранието на Република Македонија победи малцинството?!? Или: Денес во Собранието на Република Македонија пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ ја започнаа обновата на Македонија?!? Или: Денес во Собранието на Република Македонија победи Македонија!!!

Со 7 гласа ПРОТИВ (сите од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“) и 10 гласа за, помина предлогот за пристапување кон промена на Уставот на Република Македонија. Ова е само првата епизода од конечниот исход, кога и навистина ќе победи Македонија и кога пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да дозволи промена на Устав под бугарски диктат. Е, ова е тоа, кога малцинството ќе го победи мнозинството, кога ќе надвладее разумот и кога конечно во Република Македонија ќе се послуша гласот на народот. Затоа што, нашата пратеничка група брои повеќе од 1/3 од пратениците, што значи дека актуелното сервилно и предавничко мнозинство нема 2/3 за да го спроведе она што го ветило. Ова е тоа, кога ќе го потцениш противникот и кога се обидуваш да одиш против волјата на сопствениот народ.

Предолго време не’ обвинуваа и не’ посочуваа за соработници. Предолго време го чекавме овој ден, за да докажеме и да потврдиме дека само ние и само ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ја слушаме и спроведуваме народната волја.

Да сакаа, можеа уште веднаш да ја презакажат пленарната седница од 18.08.2023 за денес и да завршиме со македонската голгота. Не смеат. Ќе мораат уште некој ден да одглумат „борци“, уште некој ден да смислат некоја нова диверзија врз некој нов лик од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и уште некој ден да фрлаат фекалии врз нас. Ќе ги издржиме. И гордо и достоинствено, како и денес, ќе им кажеме НЕ и на денот Д. Тој ден доаѓа, ама после него доаѓаат уште многу, кога сите овие предавници и криминалци ќе одговараат пред вистинските институции и строго пред законите и Уставот на Република Македонија.

Наместо „живот“, поминавме пекол изминативе 6 години. Наместо „едно општество за сите“, поделени сме како никогаш досега. И, додека пеколот и поделеноста станаа наше секојдневие, актуелните властодршци трупаат милиони и милијарди на нивните сметки. Безочно лажат, крадат и прекршуваат закони. Ги прекршија и сите морални и човечки норми. Прекршија се’, само за пусти и проклети пари.

Но, народот во Република Македонија веќе не молчи. Се’ погласно и се’ повеќе се појавуваат луќе кои ги критикуваат и обелоденуваат нивните криминали. Обединетост има, но само против овие криминалци, без разлика на нивната етничка или политичка припадност. Затоа пишувам дека малцинството победи, дека иако го скршија сечие достоинство и ја уништија и најмалата верба во правдина и надеж, сепак опстоивме – ние малкумината и победивме!

Победата е пред нас, но исто така пред нас е и обновата. Неа ќе ја реализираме само и единствено со многу работа. Македонија е со две скршени нозе. Македонија е уништена на секој план. Македонија треба од темели да се изгради. Слично како што тоа се случи со Скопје после земјотресот, ќе се случи и со Македонија. Силна верба, многу посветеност и заедничка цел, а тоа е Македонија да стане пристојно место за живеење за сите и место каде квалитетот ќе се наградува, а нема да се брка надвор од неа.

Денешниов ден нека сведочи за тоа, како силната верба и цврстината во ставовите, можат да направат мнозинството (но, само во Парламентот) да изгуби од малцинството. Денешниов ден нека биде првиот светол Ден во оваа мрачна 6-годишна македонска историја. И нека продолжат светлите денови за Македонија. Нека кренат глава и Уставобранителите, и нивните мајки, сопруги, деца, сестри и браќа. Нека кренат глава сите обесправени и безнадежни. Нека веруваат дека има светол Ден и за Македонија. Ќе огрее сонцето на слободата!

П. С. Денес беа свиткани главите на мнозинството. Така и треба. Исправена глава и цврста кичма не држат предавници.

колумна на Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ

Најнови вести