четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Манасиевски: Младите не постојат за оваа власт, пратениците на СДСМ одбија додавање средства за реконструкција на студентските домови

Манасиевски: Младите не постојат за оваа власт, пратениците на СДСМ одбија додавање средства за реконструкција на студентските домови

Младите не постојат за оваа власт. Пратениците на СДСМ вчера го одбија амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за додавање на средства во ребалансираниот Буџет за реконструкција и одржување на студентските домови во вредност од 40 милиони денари, истакна Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека со СДСМ живееме во време на апсурди.

-Власта има пари за луксузи, 670 илјади евра за  цвеќиња, 40 илјади евра за кафе  и 1 милион и 600 илјади евра за лубриканти, но нема за студентите, нема за младите, и нема за оние на кои им е најпотребно. Власта, од која дел се и така наречените големи поборници за правата на младите и студентите Павле Богојески, Ивана Туфегџиќ и Дарко Каевски експресно ги одби амандманите  на ВМРО-ДПМНЕ  кои се во насока за подобрување на условите во студентските домови. Имајќи ја предвид се полошата ситуација во која се наоѓаат студентските домови и неодговорноста на власта сметаме дека парите  кои власта ги одвојува не се доволни. Дотолку повеќе што СДСМ веќе скрати 57 милиони денари од ставката за реконструкција и одржување на студентски домови, рече тој.

Манасиевски посочи дека во услови кога секојдневно слушаме  како студентите немаат топла вода, парното е слабо, а храната која им се служи на студентите не ги задоволува ниту потребните калорични и нутритивни потреби на еден човек, власта крати пари наменети за студентите.

-Почитувани господа од власта откако седнавте во фотељите ги  заборавивте младите. Многу ветувате ништо не исполнивте. Ви помина половина мандат, а никаде го нема ветениот студентски град кој требаше да го почнете во првите шест месеци од вашето владеење, никаде ги нема ниту младинската  гаранција, а ги нема ниту парите за подобар студентски стандард. Буквално нема ништо од она што го ветивте. Ветивте, па излажавте. Ги злоупотребивте младите за гласови. Младите се излажани и изневерени. Оваа власт која си поигра со младите мора час поскоро да си замине. Немаме  два  животи за да чекаме на власта да и текне дека младите се приоритет и дека чекаат од власта да им ги подобрат  условите  за живот. Заминете си пред штетите по младите да бидат уште преголеми, вели Манасиевски.

Најнови вести