Горан Манојлоски за лошото менаџирање во Министерството за здравство и неостварување на предизборните ветувања на СДСМ, ја критикуваше владата. Според него, оваа влада нема спроведено ниту еден капитален проект, едно ветување не е остварено и затоа се бара нејзина интерпелација.
Тој говореше за лошите кадровски политики и вработување на неадекватен персонал во министерствата и дека во Министерството за здравство нема ниту едно вработување.
Старосната структура во министерството за здравство е таква што просечната старост на лекарите, кои што работат во примарната здравствена заштита, изнесува 59 години. Овие лекари се близу до пензионирање и нивна замена е неопходна, но нови вработувања нема.
-Ветивте две реформи, првата е дека ќе го зголемите капитациониот бод за лекарите и дека истиот ќе биде 90 денари. И второто е дека пациентите ќе се префрлат на ПЗУ. Ништо од тоа не остваривте. Во програмата за „Живот во Македонија“ на СДСМ има ветено дека ќе се зголеми капитацијата на 70 денари за стоматолози, a не е даден ниту еден денар, кажа Манојлоски од собраниската говорница.
Манојловски ги спомена ветувањата на власта дека треба да се изгласа Буџетот, а сега кога е изгласан нема никаква реализација по истиот кој требаше да биде реформски.
-Нема ниту еден денар од тоа што е ветено во предизборниот период. Лекарите, здравствените работници и жителите на Република Македонија заслужуваат поквалитетно здравство, истакна пратеникот Манојлоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Манојлоски се обрати до колегите од СДСМ и кажа дека никој од нив не излезе со податоци колку лекари заминале од Република Македонија во последните 10 месеци.
-Ниту еден лекар не е примен овие 8 месеци, ниту еден. Но добро е што е вработено медицинско лице во Министерството за образование, масерот за кој пишуваа медиумите- рече Манојлоски.
Тој ги искритикува кадровските политики на владата на СДСМ, наместо медицински персонал да се вработува во Министерството за здравство, да се вработува во образование.
-Вашиот план за живот е дециден што ќе се случува во првите 6 месеци, што ќе испорачате во првите две години. Во првите 6 месеци не испорачавте ништо и во следните две години нема да испорачате ништо, констатираше Манојлоски за неостварените ветувања.