Неспособноста на власта ја гледаме на дело, само 10 сантиметри снег ја блокираа целата држава. Снегот во февруари ги изненади „Македонија пат“. Патиштата се нерасчистени, тешко проодни, а на места и блокирани, вели Горан Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта е целосно неспособна, ниту еден клучен патен правец не е исчистен. Нормалниот проток на возила е оневозможен. Граѓаните по неколку часа патуваат за локации за кои обично е потребно неполн час. Автопатиштата кон Скопје од Куманово, Гевгелија, Тетово и обратно се неисчистени и во застој. Ова е срамно и скандалозно. Цела држава е блокирана, а Заев и Сугарески никаде ги нема. Неисчистениот снег ги блокирал и планинските премини Пресека, Стража и Ѓавато, каде има и забрана за тешки товарни возила, вели тој.
Манојлоски вели дека покрај сите патишта низ државата, блокирани и неисчистени се сите градови. Неисчистен е и главниот град Скопје, каде што се вози по влажни и тешко проодни коловози.
-Недозволиво е после 24 часа снег патиштата и градовите да се блокирани и непроодни. Недозволиво е властите да не преземаат ништо и да ги остават граѓаните да се справуваат како знаат и умеат. Властите мора да овозможат непречен проток на возила на патните правци низ државата, особено на меѓународните патни правци. Срамота и скандалозно е цела држава да биде блокирана од 10 сантиметри снег. Наместо склучување на штетни договори, изготвување неуставни закони и расипничко трошење на парите на граѓаните, СДСМ треба да се зафати со работа во корист на граѓаните, заклучи тој.