Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, , во денешното интервју за телевизија „Алсат“, посочи дека Референдумот е демократско право и до сега сме го користеле повеќе пати, кој го овозможува и Уставот, но смета дека доколку би имало Референдум суштинското прашање би било дали сте за Северна Македонија да биле членка на ЕУ или не.
– Мислам дека тоа прашање е повеќе пати одговорено и од граѓаните и од институциите и наместо на Референдум треба да се насочиме на завршување на нашите обврски, креирање на еден консензус околу европските интеграции, затоа што овој процес надминува мандат на која било една влада, рече Маричиќ.
Маричиќ истакна дека влегуваме во фаза во која ќе треба паралелно да се води скринингот и да се работи интензивно на уставните измени и дека до завршувањето на скринингот има добри шанси да се комплетираат уставните измени, додавајќи дека според Владата содржината на тие уставни измени не е проблематична, бидејќи се работи за нешто што веќе го имаме во Уставот за повеќе заедници и додавањето на уште неколку заедници, меѓу кои и бугарската, не го гледаат како суштински проблем.
Маричиќ во интервјуто потсети дека од 1991, од независноста, сме се определиле и за ЕУ и за НАТО и дека веќе сме членка на НАТО и ги почнавме преговорите, но дали успешно ќе ги продолжиме и завршиме зависи само од нас, посочувајќи дека ова е важно секој пратеник да го има предвид кога ќе ја носи одлуката.
Вицепремиерот за европски прашања во интервјуто за „Алсат“ го објасни и процесот на скрининг и изјави дека скринингот ќе биде многу интензивен, секое поглавје ќе трае неколку дена, зависно од тоа колку е обемно и дека најважно е сите со внимание да ги следат презентациите и да учествуваат активно во нив, затоа што тоа ќе биде основа за претставување или поставување на критериумите за отворање и затворање на поглавјата понатаму.
Маричиќ дополни дека овој процес ја мобилизира македонската администрација и е многу важен за истата, бидејќи треба да ни ја даде сликата до каде сме со усогласување со европското законодавство, што уште треба да направиме, но и како во пракса да се спроведат полесно и побрзо тие правила.