Патничкиот и товарниот железнички сообраќај од попладнево во 14.30 часот е нормализиран. Машинскиот персонал во Железници на РМ – Транспорт по денешната средба со менаџерскиот тим на претпријатието го прекина бојкотот на работата и е исплатен вториот дел од платата за јуни годинава, потврди за МИА Тони Димовски, претставник на машиновозачите и помошниот персонал.
Димовски информираше дека од Железничката станица во Скопје во 14.30 часот веќе е заминат возот 643 на релацијата Скопје – Битола.
Според Димовски, на средбата е договорено за платата за јули менаџерскиот тим во соработка со министерствата за финанси и транспорт да смогне сили вториот дел да го исплати до 25-ти месецов.
– Доколку не биде исплатен, наредниот ден, на 26 август, машинскиот персонал повторно ќе биде во бојкот и нема да ги извршува раотните задачи, изјави Димовски.
Тој најави и дека повторно ќе го блокираат железничкиот сообраќај доколку не им биде исплатен и надоместот за квалитет во износ од 30 проценти, што со јунската плата им бил намален на 20 проценти.
– Разговаравме и за исплатата на надоместот за квалитет којшто со јунската плата ни беше намален од 30 на 20 проценти. Бараме со првиот дел од јулската плата што треба да се исплати на 15 август да добиеме надомест во износ од 30 проценти. Во спротивно, односно доколку не биде 30 проценти, наредниот ден во 7 часот машинскиот персонал ќе ги прекине работните обрски, рече Димовски.
Бојкотот на машинскиот и помошниот персонал почна вчера во 16 часот со целосна блокада на патничкиот и товарниот сообраќај. (МИА)