На големиот празник на трудот и работниците 1-ви мај, потсетуваме дека голем број прашања и барања на вработените во Министерството за надворешни работи не се одговорени. Едно од нив е на пример и барањето за исправање на неправдите на претходното раководство на МНР на чело со Никола Димитров, кога триесетина вработени беа неосновано деградирани, а со тоа и нивните приходи и пензиски стапки драстично намалени, а заминувањето на некои од нив на работа во странство спречено, се вели во денешното соопштение на Македонскиот дипломатски синдикат.
„Залагањата за силна дипломатија ќе останат празни зборови се додека дипломатската служба не се реформира од внатре. Изминатите години Македонскиот дипломатски синдикат укажуваше на бројни девијации, од процесот на вработување, до процесот на упатување на работа во дипломатско-конзуларните претставништва. И двата процеси се киднапирани од авторитарна злоупотреба на службена позиција. Уште го паметиме најцрниот период, времето на Никола Димитров, кој имаше полна уста со убави зборови, а и нанесе долгорочна и тешко поправлива штета на македонската дипломатија. Поделбата на „наши” и „ваши” беше свесно користена за „расчистување” преку развивање на клиентелизмот и пресметка со неистомислениците. Дипломати беа незаконски бркани од работа, редица монтирани дисциплински постапки беа отварани против „неподобните”, со помош на киднапирана и злоупотребена систематизација вршен е незаконски погром на најквалитетните, поништувани се веќе завршени процедури за упатување на работа во странство, а на место на вратените се испраќани други, по партиски клуч или според лични афинитети. Работникот е заборавен, а мерит системот изгазен.
Негрижата за вработените оди до таму што „началството” воопшто не го интересира професионалната, економската и социјалната положба на вработените, која е далеку од блескава.
МДС, која што делува во рамките на КСС (Конфердерацијата на слободните синдикати), ќе продолжи активно да се бори за положбата на вработените во дипломатската служба и за таа цел работи и на меѓународно ниво, со Меѓународната конфердерација на синдикати во Брисел и развива меѓународна соработка со останатите струкови организации надвор од земјата.
Поминуваат времињата кога гласот на работникот не беше слушнат. Нашата сила се вистината и искажаниот збор. Друго оружје немаме, за разлика од раководството кое целосно го има институционалниот систем зад себе и не ретко го злоупотребува.
МДС е активен чинител за враќање на угледот на нашата дипломатија, зашто тој се гради од внатре, со здрави корења. Јакнењето на интегритетот и способноста на дипломатите се единствен пат за градење македонска дипломатија на чии успеси сите ќе се гордееме“, соопшти МДС.