Медицинска сестра рано изутрината физички и вербално била нападната од семејство на пациент кој починал на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Инцидентот се случил пред влезот на нејзиното работно место на одделот за интензивно лекување, а денеска најостро го осудија министерот за здравство Венко Филипче, раководителот на Клиниката, Маја Мојсова, како и целиот персонал во таа јавна здравствена установа.
– Медицинската сестра не се здобила со тешки телесни повреди. Таа сега ќе оди на боледување и на психијатриска проценка за да можеме да и помогнеме во овој процес да соочи со ваквата ситуација. Таа била буквално изненадена од нападот. Многу е вознемирена, како и целиот персонал. Денес се работи во тешки услови. Во суштина многу често се случуваат вакви работи. На Ургентен и на КАРИЛ сме да удар на роднините на пациентите. Сите пациенти кои доаѓаат кај нас се најтешко болните. Најостро го осудувам овој акт кој е осуден и од целиот персонал на КАРИЛ. Сакаме поголема заштита. Апелираме до граѓаните да не остават да ја работиме нашата професионална работа. Никој не може добро да работи кога има ваков мобинг, ниту пак закани по живот и семејство, изјави д-р Мојсова.
Филипче рече дека го осудуваат секој вид насилство врз здравствените работници. Според него, тоа не е начин на комуникација, ниту начин на решавање на проблемите посебно не со медицински персонал кој деноноќно се бори за животите на најтешките пациенти. Посочи дека ја разбира болката на семејството, меѓутоа ова не е начин на кој каков било проблем може да се реши.
– Со министерот за внатрешни имав телефонски разговор и во текот на денот или утре ќе ги разгледаме сите алтернативи кои ни се на располагање за да ја зголемиме безбедноста тука во кампусот и на критичните места на клиниките, пред се мислам на Ургентниот центар и таму каде во текот на ноќните часови има најголема фреквенција на пациенти. Не може да се забрани посета. Сметам дека најсодветно е тоа да бидат припадници на МВР и во таа насока ќе биде дискусијата, додаде Филипче.
МИА