недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мерките на владата донесени во пет до 12 и неусогласени, создаваат главоболка за родителите, хронично болните

Мерките на владата донесени во пет до 12 и неусогласени, создаваат главоболка за родителите, хронично болните

Владата по се изгледа нема решение за тоа како да ги заштити најралнивите категории. Ако се следат последните одлуки кои се носат, Владата не само што не нуди решенија, туку и создава проблеми. Хронично болните, самохраните родители, мајките на породилно реагираат дека најголем проблем е што одлуките се носат многу доцна и не постои начин секој поединечно да најде решение. Решенија се потребни за многу категории на лица за децата кои не се запишани во градинка, за болните кои не може да стигнат на специјалист и да добијат потврда и слично.

Соочена со економските и здравствените предизвици кои ги носи пандемијата и безидејноста како да се справи со истите, Владата како да пробува да го игнорира постоењето на вирусот и како ништо да не било ги враќа на работа дури и најризичните категории. Ваква одлука беше и враќањето на работа на хронично болните кои до сега не одеа на работа поради ризикот кој им се заканува по нивното здравје и живот, а баш сега кога никој од експертите не може да предвиди како ќе се однесува вирусот на есен, Владата ги враќа на работа.

Хронично болните пациенти се загрижени поради одлуката на владата сите да ги врати на работа, освен оние на кои им се влошило здравјето. Тие се жалат дека рокот за добивање потврда од специјалист е краток, бидејќи е тешко да се закаже термин за на специјалист. Тие испратија петиција до Владата со барање овие потврди да се земаат преку матичниот лекар. Некои од нив се уплашени дека, ако до 23 септември не успеат да извадат потврда од лекар специјалист, а истовремено не се појават на работа, можно е да ги изгубат и нивното работно место.

Друга ваква одлука беше и таа да се вратат на работа мајките кои се на продолжено породилно отсуство, иако пред околу недела дена Комисијата за заразни болести за нив предложи да им биде продолжено породилното отсуство до крајот на годинава, Владата сепак ги враќа на работа. На оваа одлука реагираа овие родители поради тоа што базирајќи се на предлогот на Комисијата за заразни болести дека остануваат дома до крајот на годината тие не ги запишаа нивните деца во градинките, а сега им се дава сосема краток период и не знаат како да го решат овој проблем. Тие дури и најавија ќе изгегуваат на протест против ваквата одлука на владата. Според најавите за протестот објавени од организаторите на Фејсбук, протестот ќе се одржи пред владата во четврток, од 17.30 до 19.00 часот.

Друга одлука која предизвика бурни реакции во јавноста беше и враќањето на работа од 23 септември и на самохраните родители кои пак поради неусогласеноста на мерките и одлуките кои се носат од страна на владата невозможно е да функционираат.

За овој проблем реагираше Здружението на самохрани мајки „Една може!“ кои прашуваат како со ваквите одлуки и работно време на училиштата и градинките ќе може да функционираат самохраните родители.

„Како замислувате децата од 23 Септември до 1 Октомври да седат сами дома? Како замислувате да се одвива работен ден на самохран родител, кој треба да однесе дете/ца на училиште во 8:30 и да ги земе во 10:30 па да ги однесе сами дома да седат до 16 часот? Како замислувате дека треба да се вратат на работа самохраните родители на кои не им ги примија назад во градинка децата на возраст до 5 години? Како замислувате дека едно четвртодделенче ќе седи само дома и ќе следи хибридна настава, ќе управува со компјутер, скенер, принтер, имање и немање интернет и собирање и печатење на несоосдветно формираната документација која неспремните стручни кадри ја испраќаат до учениците? Дали обезбедивте компјутер и интернет во секој дом каде има деца кои ќе следат хибридна настава?“ , прашуваат во здружението.

Најнови вести