Гледаме дека власта полека ретерира во својата намера околу потребата од донесување Уставни измени, а тоа е од една и единствена причина затоа што немаат доволен број на пратеници, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во вечерашното гостување во Централниот дневник на ТВ Сител во Тема на денот.
„За жал не ја научија лекцијата од народот и од 10-те дневни протести кои граѓаните им ги испратија на владејачкото мнозинство.Очигледно дека ветија нешто за кое немаат доволен број на пратеници а тоа го потврдија и претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски дека немале доволен број пратеници“, рече Мицевски.
Мицевски упати апел до владејачкото мнозинство уште на наредната седница која е закажана за 14-ти септември да го стави предлогот за Уставни измени на седница.
„На првата наредена седница која слушнав дека е закажана за 14-ти септември, нека го стават предлогот за почнување постапка за Уставни измени доколку имаат доволен број пратеници, Претседателот Христијан Мицкоски рече дека ќе ја напушти политиката, меѓутоа доколку ја немаат таа веднаш да пристапиме кон подготовка на предвремени парламентарни избори“, кажа Мицевски.
Мицевски потенцираше дека власта живее во затворен балон, потпирајќи се на ситното мнозинство на пратеници.
„Очигледно е дека власта живее во еден затворен балон, потпирајќи се на ситното мнозинство на пратеници од кои ја има поддршката, а сликата одоносно состојбата надвор од тој балон е многу различна. Пример за тоа ни се последните избори во Тетово каде граѓаните буквално испратија силна и огромна порака на владејачкото мнозинство како во македонскиот дел така и во албанскиот дел“, посочи Мицевски.