Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото интервју дадено за А1ОН истакна дека доколку градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска продолжи со нереализација на концептот „За модерно Скопје“ нема да ја има неговата поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во моментов има индиции дека не го реализира концептот „За модерно Скопје“. Сега ќе видиме ребалансот каков е, и мислам дека седницата е закажана таму некаде средината на ноември месец. Да видиме што предлага во тој ребаланс, да видиме кога ќе дојде на ред буџетот за наредната година. Да видиме што предлага таму“, подвлече Мицкоски.
Тој нагласи дека доколку Данела Арсовска го реализира она кое што е дел од концептот „За модерно Скопје“ ќе ја има неговата поддршка.
„Доколку не го реализира концептот „За модерно Скопје“, ако продолжи да не го реализира, да еве ќе побарам. Но, ако продолжи да го реализира нема да побарам“, децидно рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„На крајот од нејзиниот мандат кога и да се случи, бидејќи не знам дали е возможно да има предвремен престанок на градоначалник, но еве и да има можност за предвремен престанок на мандат на градоначалник, ако заврши порано тогаш можеме да судиме дали таа успеала да го реализира или не успеала да го реализира. Сега како што гледам последна година е далеку“, посочи Мицкоски.